Дали некогаш сте се запрашале што им се случува на луѓето во последно време, па се обидуваат да живеат живот кој не е нивен, а воедно и да го фалсификуваат својот изглед. Сепак, тука не е крајот, модерните мајки толку се навлекоа на филтрите како ефекти, што ги користат и на своите деца.
Неодамна бев на првиот роденден на ќерката на моите пријатели и гледам во мало ангелче во бел фустан, со голем цвет во косата – толку беше слатка! Единствено имаше црвени делови на образите, егзема која е честа кај децата, но некако со тоа беше уште послатка, како мала роза. Убаво си поминуваме, па дојде време за дома и по неколку часа гордата мајка објавува слики на социјалните мрежи. Ги гледам сликите – дете е, но лицето е испеглано како од оглас, нема ниту трага од црвенилото. Добро, можеби мајката е вознемирена, па сакала да го отстрани тоа. Комплекси на мајките, децата не се прашуваат ништо. Сепак, тоа не е сѐ, кога ќе се погледне поблиску, очите ѝ се поинакви, трепките ѝ се поголеми, изгледа како да има блага шминка. Добро, разбирам, филтрите проработеа.
Седам, гледам слики и се прашувам зошто? Девојчето е толку слатко, расте и му се радува на животот. Има еден мал проблем, минлив, и наместо родителите да се опуштат и да уживаат во своето прво дете, ги оптоварува тоа што детето мора да е беспрекорно, и што такво треба да го презентираат на социјалните мрежи, на некои виртуелни пријатели. Сепак, гледам дека ова бебе личи на друго што го видов неодамна. Скролам малку подолу, другата мајка очигледно го користи истиот филтер за своето дете бидејќи и нејзината ќерка е копија од оваа малечка од претходните слики. Две различни семејства, две деца речиси идентични. Хм, мора да се гени во прашање.

Зјапам празно во сликите и се прашувам зошто? Зошто да ставите филтри на сеќавањата на детето кога за 15 години ќе сака да ги види првите чекори, начинот на кој го прославило првиот роденден, драгите луѓе и ќе види дека мајката сакала тоа да биде како девојче од насловна страница. Мајки, тогаш ќе биде во пубертет, многу ќе биде чувствителна, а кога ќе види такви слики, знаете каква порака ѝ праќате? Дека никогаш не сте помислиле оти е доволно убава, дека никогаш не сте биле задоволни со неа. Ова инстантно ќе ја повреди, но и ќе создаде незадоволство, недостиг на самодоверба и комплекси кај вашето дете, што секако не ги сакате.
Изградете ја самодовербата на вашите ќерки, нека бидат деца кога за тоа е време и покажете дека ви е најубава и најважна во секое време. Размислете за вашите чекори и оставете ги „модерните времиња“ и испегланите слики. Иднината на вашите деца е најважна, а вие ја градите од првиот ден од нивното раѓање – со љубов, внимание и сигурност.