Ако сакате да преминете на модел на родителство без казнување, потребно е најпрвин да изградите цврст и близок однос со детето за тоа да посака да ги следи насоките што му ги давате
Позитивното родителство е предизвик. Ако сте еден од оние родители што сакаат да ја сменат тактиката и да престанат да ги казнуваат своите деца, не треба само да ги исфрлите казните од секојдневието. Почнете со зајакнување на односот со своето дете, така што тоа да ве почитува и да сака да ги следи вашите правила, објаснува клиничкиот психолог д-р Лаура Маркам. Таа воедно е мајка и ги подучува родителите на позитивно и мирно родителство, а издала и неколку книги на таа тема. На својот портал објаснува дека е возможно детето да ја научи лекцијата без казнување, без одземање на привилегиите или кој било друг начин што го користат родителите. Но, за тоа ви е потребен позитивен баланс на вашиот однос, истакнува Маркам. „Тоа значи дека на приближно една негативна интеракција помеѓу вас треба да имате пет позитивни. Сакате вашето дете да го следи вашиот пример и да слуша што му зборувате? Позитивниот баланс притоа не се гради со купување или дозволување да остане до доцна навечер. Тоа се прави со слушање и разбирање“, објаснува таа.
Потоа, размислете како да го научите на лекцијата што сакате да ја научи. Казнувањето, скратувањето на привилегиите или зголемување на домашните задачи се пристапи кои би требало да го научат на памет. Но, истражувањата покажуваат дека во тие ситуации децата стануваат преокупирани со казната наместо со чувство за жалење поради тоа што го направиле. Обично не ни размислуваат како да го променат тоа зашто едноставно нивниот мозок не функционира така. Повеќето родители сакаат да го научат своето дете дека: неговите дела влијаат врз сите околу него, може да одбере како ќе се однесува и дека е одговорно за своите постапки. Сите грешиме. Кога ќе погрешиме, треба да ги поправиме работите, а тоа е многу потешко отколку да донесеме добра одлука на почеток. Потребна е храброст да се направи добра работа, но кога тоа ќе го направиме и кога одговорно ги избираме своите дела, стануваме личноста на која ѝ се воодушевуваме и задоволни сме со себе.
Еве како да престанете да ги казнувате децата во неколку чекори, според моделот на Лаура Маркам.
1. Престанете да се лутите
Кога детето еднаш ќе сфати дека сте на негова страна, ќе се чувствува сигурно да ви раскаже што се случува. Без чувството на сигурност, детското срце ќе се затвори зашто постојано очекува осуда и казна, а вие немате влијание врз тоа. Во моментот кога ќе ве обземе лутина, речете му на детето дека ви треба малку време да размислите и да се смирите пред да разговарате за тоа што се случило.
2. Почнете разговор со топол пристап
Децата од сите возрасти, вклучувајќи ги и тинејџерите, подобро реагираат на таков пристап и побрзо ќе ви дозволат да ги водите. Ако се плашат дека ќе ве вознемират, ќе преминат на моделот „бегај, бори се“ или ќе се „смрзнат“ и ништо нема да ви кажуваат. Во таквите ситуации попрво ќе лажат. Единствениот начин детето да ја научи лекцијата е да создадете безбедна средина. Притоа, имајте на ум дека вашето дете има причина зошто го прави тоа. Можеби вам не ви изгледа како добра причина, но за него е важна. Но ако вие не ја пронајдете таа причина, не можете да спречите да не се повтори таквото однесување.
3. Кажете му на детето дека сакате да слушнете како размислува за тоа што се случило
Оставете го да раскажува. Рефлектирајте ги неговите зборови за да ја сфати ситуацијата. На пр. „Разбирам… значи момците многу сакаат да играат кошарка, ама тоа е единствено време кога ти можеш да учиш за испит? Тоа е тежок избор“. Или: „Ти и сестра ти бевме многу лути еден на друг, многу те повреди кога…. И јас би била лута кога некој така би ми рекол… и потоа сакаше да ѝ вратиш?
4. Фокусирајте се на поврзување со детето и разбирање на ситуацијата од негова перспектива
Тоа ќе ви помогне да сфатите што го мотивирало. А детето ќе добие можност да помине низ чувствата и потребите што го натерале на таквото однесување. Децата секогаш знаат што е исправен избор, но нешто им се испречува на патот. Што било тоа? Како може да научи да се слуша себеси на подобар начин? Да речеме да отидеше на кошарка наместо да учеше за испит и да добиеше лоша оценка. Можеби низ разговор ќе дознаевте дека многу го мачи помислата дали друштвото ќе го прифати, па затоа одлучил да оди на кошарка, за да биде дел од екипата. Можеби му треба вашата помош за да ги реши своите дилеми околу прифаќањето во друштвото, а потоа ќе биде целосно концентриран на училишниот успех.
Ако едноставно го казните, никогаш не би го дознале ова. Би ја изгубиле можноста да го спознаете проблемот и да најдете добро решение ако повторно наиде на слична препрека. Бидејќи казната не помага да се реши неговиот проблем, можеби повторно ќе го направи истото во слична ситуација, само ќе ви измисли приказна за да се „покрие“ и да не ве налути.
5. Поставувајте отворени прашања наместо да делите лекции
Разговорот нека биде што полесен. Добро е ако можете да се пошегувате зашто така двајцата ќе се опуштите и ќе се поврзете. Примери за прашања: Дали беше свесен дека имаш избор? Што те натера така да одлучиш? Што мислиш сега за твојата одлука? Кои се добрите страни на таа одлука? Кои се лошите страни? Дали вредеше? Дали длабоко во себе знаеше дека таа одлука е лоша? Ако знаеше, зошто не го послуша внатрешниот глас? Дали повторно би го направил тоа? Што вие можете да направите, каква поддршка очекува од вас за следниот пат да постапи поинаку?