ПРАШАЊЕ: Неодамна се породив со второ дете. Оттогаш, поголемиот син стана многу немирен, не го остава да спие, вика, го плаши, а понекогаш е многу грижлив. Јас сум по цел ден сама и се трудам да му посветам внимание. Почна да спие и кај баби и дедовци. Кога спие кај свекрва ми (која го чуваше додека не одеше во градинка), се враќа дома како друго дете – ме навредува, кажува дека сум лоша и други погрдни зборови, а другите баба и дедо (моите родители) со кои исто така е многу поврзан, се прави дека не ги познава, не им зборува и не ги поздравува.
Со свекрвата имаме лош однос бидејќи сака да биде доминантна, мисли дека таа знае најдобро за моето дете. Индиректно ме потценува. Ова стигна до тој степен да сакам да си ги земам децата и да си одам од нејзината куќа. Маж ми не забележува бидејќи таа е опасен манипулатор. Ве молам за совет.
ОДГОВОР: Жалам што се чувствувате осамени во овој доста ранлив период за вас. Од една страна, штотуку сте добиле ново бебе и а веќе имате мало дете, а од друга страна, семејната динамика е многу променлива и тешка за поднесување, а како што разбрав, живеете во иста семејна куќа.
Што се однесува до вашето поголемо дете, често децата кога добиваат брат или сестра чувствуваат различни емоции. Тие емоции се доста амбивалентни и се изразуваат преку различни однесувања како и што споменавте – да вика, да бара внимание, да го плаши бебето, а понекогаш да е многу грижлив и полн со љубов. Неговиот свет се менува, како и на сите вас дома. Тој се бори со стравот да не биде заменет, да не ве изгуби и тоа е единствениот начин на кој може да се изрази. Именувајте ги и рефлектирајте ги неговите чувства, како: „Бебето малку те нервира, те лути, те плаши, но мама е секогаш тука за тебе“. Вклучете го во активностите со бебето и пофалете го кога ви помага. Кажете кога нешто добро прави, посветете му време во денот за заедничка игра или прошетка сами. Одредете кој ден, кога да спие кај баби и дедовци, би било добро да има постојана рутина и таа да не се менува многу бидејќи на тој начин детето добива сигурност. Да се знае кога станува, кога се мие, кога појадува, кога игра, кога руча, кога одмара, кога шета и каде спие.

Тешко е кога многу луѓе се измешани и директно инволвирани во вашиот секојдневен живот, а особено кога не можете искрено и отворено да разговарате и барате помош од вашиот сопруг. Иако живеете во заедничка куќа, би било добро вие како семејство да сте посебна клетка која егзистира во таа заедница со свои одредени правила и норми, со начин и договор какво да биде воспитувањето и растењето на децата, и каква да биде вашата семејна динамика.
Кога друг возрасен во животот на детето го поткопува авторитетот на мајката, тоа го крши неговиот внатрешен компас. Тогаш детето се чувствува растргнато и многу збунето. Ако почувствува дека непочитувањето кон вас е дозволено, па дури и охрабрено… тоа не само што го дестабилизира неговиот однос со вас, туку и неговото чувство за добро и погрешно.
Иако не можеме да менуваме некого, можеме да промениме како некој ни влијае и какви се нашите акции во тој однос. Размислете за начинот на кој доаѓате до моменти кога мислите дека не можете да смените нешто, или да се изборите. Би било добро да бидете смирени, но цврсти и да воспоставете граници околу родителските одлуки. Вие заслужувате почит и поддршка, а не невидливост.
Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош, потребно е да закажете советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com