Правилно е светлината да доаѓа од лева страна или однапред. Ако нема опција бирото да се постави во близина на прозорец, тогаш нека биде најблиску што може до природна светлина или до столна ламба
Местоположбата, големината, изгледот, формата, материјалот и бојата на работното биро во детската соба треба да бидат компатибилни на просторот. Секако, работното биро треба да е соодветно на телото на детето што ќе го користи. Во блиското минато немавме голем избор на работни бироа. Нивното производство беше сериско, имаа ист изглед и ист квалитет. Но денес, со развојот на техниката и технологијата за нивна изработка, големиот избор на дезени на материјали и големиот број дизајнери на мебел што се појавија, достапни се бироа различни по цена, квалитет, изглед.
Како да паѓа светлината?
Работното биро во детската соба најчесто се става во близина на прозорец. Но тоа може да е погрешно! Особено ако детето пишува со десна рака, а светлината му паѓа од десната страна. Така со сопствената рака си фрла сенка врз она што го пишува и нема да гледа добро. Правилно е светлината да доаѓа од лева страна или однапред. Ако нема опција бирото да се постави во близина на прозорец, тогаш нека е најблиску што може до природна светлина или до столната ламба, која е најблиска до сончевата светлина, нека стои од левата страна за пишувачи со десна рака. За левучарите важи обратното.
Изберете правилна димензија
Димензиите на бироата најчесто се различни, особено оние што се изработуваат кај приватните столари, по мерка која соодветствува на собата во која ќе биде поставено. Дизајнерите на мебел точно знаат дека одредени димензии на бирото не смеат да отстапуваат, на пример, неговата висина треба да е 75 сантиметри. Не е страшно ако тоа биде сантиметар плус или минус, но не смее да биде драстично повеќе или помалку поради стандардите што одамна се пропишани и за работното биро и за работниот стол. И сето тоа е пропишано според средна големина на човечкото тело. Должината на плочата на работната површина препорачувам да биде најмалку 100 сантиметри. Тоа е така затоа што на работната површина на бирото детето треба да може да ги потпре двете раце, a треба да има и отворени тетратки и учебници. Ширината на работната плоча исто така може да биде различна, но според потребите на едно дете за работа, не би препорачала да е помала од 60 сантиметри. При пишување домашна задача се случува да треба да бидат отворени најмалку една тетратка и еден учебник или, пак, за поголемите деца што работат на компјутер, треба да има доволно место за тастатурата и маусот, односно за лаптоп, па и за тетратка. Секоја поголема димензија на должината и на ширината на работното биро е добредојдена затоа што најчесто се ставаат повеќе книги и прибор.
Внимаваме бирото да биде функционално решено, особено во долниот празен дел, а тоа значи детето слободно да може да влезе во него со работниот стол, кој најчесто е на тркала. Долниот дел од бирото не треба да служи како склад на друг помал мебел кој би го попречувал просторот за нозете на детето. Треба да има доволно ширина, ако столот е со рачки, да може и рачките да влезат под работната плоча. Под работната плоча не треба да има длабоки фиоки, односно да се внимава на која позиција се поставува полицата на шини што служи за тастатурата за детето да не ги удира колената на неа. За поголема удобност, додека детето е во седечка положба, на долниот краен дел од едната до другата страна добро е да се постави пречка на која би можело да си ги потпре стапалата.
Исто така, за поудобно работење, препорачливо е бирото да е аголно, за да му бидат на дофат работите.
Добро е фиоките да се постават на засебни тркала или странично, по вертикала. Препорачливо е ако детето пишува со десна рака, фиоките да бидат од левата страна. Кантата за отпадоци треба да стои надвор од бирото за додека работи, детето да не размислува дали ќе ја турне.
Изглед и дизајн
Кога станува збор за изгледот, мора да кажам дека најчесто родителите се дизајнери и тие одлучуваат бирото да е изработено, на пример, од четири алуминиумски кружни или четвртести ногарки и плоча од кантирана иверица. Некои ставаат фиоки од едната страна, од другата хаптер, а горната плоча е медијапан во боја. Често родителите не внимаваат дали има радијатор во близина или, пак, дека вратата од гардероберот нема да може да се отвори, или дека ќе нема доволно место за движење на работниот стол напред-назад. Затоа препорачувам да се разгледа детално целиот простор каде што ќе стои бирото, да се направат консултации со стручно лице или да се изработи проект за детската соба. За готовите бироа што се нудат на пазарот, би им препорачала на родителите да одат во салон со фотографија од просторот и да се консултираат барем со продавачот за тоа дали би одговарало одредено биро или не.
Дизајни и материјали има разни. Се создава и еден вид натпревар меѓу дизајнерите на мебел со достапноста на интернетот и изложувањето на продуктите. Тоа е позитивно затоа што моделите на бироа стануваат сè подобри. И во други наврати, а и сега ќе ги препорачам дрвото и фурнираниот медијапан како најдобри материјали за изработка на работно биро. Има вљубеници во други материјали, на пр., стакло и метал, кои се многу убави на изглед, а во моментов модерни се комбинациите од дрво и тенки метални ногарки.
912