Во минатото постоела една изрека меѓу народот – сѐ што можеш да направиш денес, не оставај го за утре, но денес модерното и динамично живеење ја отежнува, односно ја менува динамиката на животот кој постоел во минатото. Поради тоа, во последно време младите се соочуваат со проблемот на одолжување или како што би се нарекол во психологијата, прокрастинација.
Прокрастинација или проблем на одолжување претставува одложување или одолжување на обврските, активностите, одговорностите, одлуките поврзани со себе и животните задачи, а е честа одлика на адолесцентната доба која настана со забрзување на темпото на живеење каде што се зголемуваат личните барања и обврски, како и барањата од социјалната средина во која живеат и дејствуваат младите денес.
Модерниот свет во кој живееме е исполнет со секакви средства и можности за дивергирање на нашето внимание и со кои е многу лесно да се одложи секое објективно значајно дејство. Тука посебно треба да се нагласат новите медиуми кои претставуваат масивен извор на информации и најдобар начин на комуникација, а кои истовремено резултираат со низа негативни ефекти по однос на ефикасноста, продуктивноста и севкупниот квалитет на користењето на времето како најзначаен и највреден ресурс на човекот во модерниот свет.
Дали и колку квалитетно го структурираме нашето време?
Денешниот млад човек е соочен со многу информации кои треба да ги учи, со кои треба да стекне вештини и способности како да ги менаџира и да ги користи во секојдневното функционирање и работење. Во овој период од развојот се дефинира целосната структура на личноста и се зацврстува нејзиниот идентитет. Личносните димензии совесност и невротицизам се дел од таа личносна структура и дејствуваат во спротивни насоки со спротиставени сили што ја дефинира самата прокрастинација или одложување. Степенот со кој доминираат овие личносни димензии варира најмногу во овој развоен период од животот. Прокрастинацијата може да се претстави како функција на овие две личносни димензии. Прокрастинацијата како феномен се поврзува со неприспособена когниција, неприспособено однесување и афективност и најчесто се разгледуваат негативните последици од овој феномен.
Работата со психолог и психотерапевт би ја поттикнала личноста на интегритет и целисходно дејствување чиј процес и промена не се случуваат преку ноќ, но младиот човек ќе дојде до сопствените одговори и увиди.
Прашања за интроспекција:
Чиј живот живеам?
Чиј живот не успевам да го живеам?
Од чие мислење најмногу се плашам?
Кој дел од себе сакам да го сокријам од другите?
Каде се чувствувам сигурен?
912