И покрај фактот што царскиот рез стана вообичаен, како кај нас така и во светот, сепак, постојат некои заблуди поврзани со овој метод на раѓање.
Затоа списанието „Рајдерс дајџест“ состави листа со седумте најчести митови за царскиот рез во кои многу луѓе сè уште веруваат.
Нема контакт кожа со кожа по царски рез
По природно породување, вообичаена практика е да се стави бебето на градите на мајката, за контакт кожа со кожа и да се смири детето. Не е невозможно овој контакт да се случи по царски рез, особено кога жената е свесна, што значи дека операцијата не била извршена под општа анестезија.
Доењето е невозможно
Многу жени сè уште мислат дека е невозможно да го дојат своето дете ако имаат царски рез. Тоа не е ни блиску до вистината! Можно е и доење, само потребно е малку повеќе трпение и време, за да се воспостави производство на млеко во организмот отколку по природно породување.
Кога станува збор за самото доење, нема разлика дали сте се породиле вагинално или со царски рез.
По царски рез, природно породување е невозможно
Иако не е вообичаена практика жените што веќе имале царски рез да се породат по природен пат, тоа секако не е невозможно. Меѓутоа, ако одлучите да го направите тоа, лекарите веројатно ќе треба да направат некои тестови за да утврдат дали е безбедно за вас, но во најголем дел, сè оди добро.
Планираниот царски рез е побезбеден од природното породување
Постојат многу различни причини зошто жените планираат да направат царски рез. Ова е главно случај кога бебето е во таква положба што природното породување би било ризично, или постои некој друг ризик за здравјето на мајката или детето.
Сепак, само затоа што мислите дека е полесно или можеби се плашите од природно породување, царскиот рез можеби не е најдобрата опција. Треба да се има на ум дека царскиот рез сепак е операција и е придружен со одредени ризици, како и секоја друга операција.
Закрепнувањето по царски рез е исто како и по природно породување
Закрепнувањето по оваа операција трае до четири недели, додека просечното време за закрепнување по природно раѓање е околу две недели. Дополнително, по царски рез треба да се воздржите од некои поинтензивни физички активности, да не кревате ништо тешко, па дури и со интимни односи, генерално треба да чекате подолго отколку по природно породување.
Нема ограничување на бројот на царски резови што жената може да ги направи
Работата е многу индивидуална, а дали повторениот царски рез би бил ризичен или не, обично одлучуваат лекарите врз основа на здравствената состојба на жената. Некои сметаат дека до три царски реза не се ризични, но треба да се има предвид дека со секој следен царски рез се зголемуваат ризиците од повреди на цревата, повреди на мочниот меур, крвавење итн.
Не чувствувате ништо за време на царскиот рез
Доколку породувањето се одвива под спинална анестезија, што значи дека жената е будна за време на царскиот рез, таа сигурно нема да чувствува болка, но ќе почувствува благ притисок или извлекување на бебето. Сепак, ова може да се нарече повеќе непријатно чувство отколку болка.
912