Секое дете презема одредена улога во семејството, а одредени студии покажале дека редоследот на раѓање влијае врз развојот на одредени карактеристики кај децата. Ова е особено изразено кога разликата помеѓу децата во семејството е помала од четири години и кога се од ист пол. Во исто време, родителите го менуваат и својот пристап кон воспитувањето бидејќи гледаат дека некоја воспитна мерка била ефикасна за едното дете, но не функционира за другото.
Николина Милосављевиќ, психолог и советник за родители, открива како редоследот на раѓање влијае врз децата и нивниот карактер, како и дали најстарите деца се навистина миленици во семејството и природни лидери.
Најстарите се лидери
Најчесто, првородените деца имаат погрешно внатрешно верување дека треба да бидат најдобри за да бидат важни за семејството. Ова се манифестира во нивното однесување на различни начини. На пример, тие често се обидуваат да ја завршат домашната задача што е можно поскоро, дури и ако е несмасно сработена, само за да бидат први.
-Сепак, на некои деца кои се првородени може да им треба премногу време да ја напишат домашната задача за да биде совршено направена. Одредени психолошки студии дури покажале дека овие деца се родени лидери, перфекционисти и одговорни луѓе – открива Милосављевиќ.
Родителите имаат највисоки очекувања од своите најстари деца бидејќи целото внимание е насочено само кон нив, а тоа води до развој на самокритика кај првородените. Од здравствен аспект, одредени студии покажале дека овие деца се разболуваат почесто бидејќи нивните родители ги чувале под стаклено ѕвонче.
Средните се миротворци
Кога станува збор за средните деца, тешко е да се издвојат некои посебни сличности бидејќи средното дете може да биде второродено или трето или четврто.
-Ако зборуваме за семејство со три деца, средното дете е во средината. Ниту ги има привилегиите на најстарото ниту е разгалено и згрижено како најмладото. Поради ова, овие деца можат да развијат погрешно верување дека мора да бидат различни по секоја цена за да привлечат внимание кон себе – вели Милосављевиќ.
Сепак, во споредба со нивните постари браќа и сестри, тие се полиберални, опуштени и имаат побогат општествен живот бидејќи трпат помалку семеен притисок. Исто така, тие се типични медијатори и миротворци, кои знаат добро да слушаат и да преговараат. Тие често имаат многу тајни и се чувствуваат некако осамени и изолирани во сопственото семејство, па затоа често бараат друштво надвор од домот.

Најмалите се најразгалени
Ова не е предрасуда, туку најчесто е вистина бидејќи најмалите деца во семејството не се само разгалени и повеќе згрижени од нивните родители, туку и од нивните постари браќа и сестри. Во исто време, мајките и татковците се многу поблаги кон нив отколку што биле кон првото и средното дете.
-Тие често го развиваат погрешното верување дека треба да го користат својот шарм за да им помогнат на другите во многу области и очекуваат посебен третман од сите околу нив. Исто така, кога ќе се сретнат со првите разочарувања во животот или нема да добијат нешто што сакаат, тогаш го перципираат целиот свет како неправеден, и тоа само кон нив – објаснува психологот.
Близнаците се најдобри кога се заедно
Целиот живот на близнаците се карактеризира со екстремна блискост. Врската меѓу нив е длабока и силна и тие си се најголема поддршка еден на друг. Како и сите деца во семејството, близнаците во одреден момент можат да се соочат со криза на идентитетот и проблем со независноста.
-Атмосферата во куќата има големо влијание врз развојот на одредени особини на личноста и однесувањето кај децата. Ако членовите на семејството внимателно се слушаат едни со други и го почитуваат туѓиот поглед на светот, нема да има соперништво меѓу децата, или барем ќе има помалку – открива Милосављевиќ.