Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Мојот син има 5 години и проблемот е што видел некоја многу страшна сцена на „Јутјуб“ и сега е многу исплашен, нервозен и многу хистеричен. Постојано мисли дека има нешто на подот или дека нешто го лази и панично вика да го тргнам. Упорно му кажувам дека нема ништо, но не помага, што и да му речам постојано ми вели дека му е страв. Знам дека погрешив што му дозволив да гледа такви работи, но не помислив дека ќе дојде до вакво нешто. Повеќе не му дозволувам да гледа „Јутјуб“ и не му давам телефон. Ве молам за совет.
ОДГОВОР: Стравовите кај децата можат да бидат многу интензивни. На возраст од 3 до 6 години се појавува страв од невреме, темнина, чудовишта, волци, духови, разни имагинативни суштества. На нив може да се додаде стравот од болест, од смрт на член на семејството и од губење. Додека помеѓу 6 и 10 години се појавуваат стравови кои можат да бидат подолготрајни, како што се оние од инсекти и змии, од крадци и разбојници, од инјекции и крв, да се биде жртва на несреќи или напуштени од родителите. Страв од непознати ситуации и непознати луѓе и страв за својата безбедност.
Не обидувајте се да го убедите вашето дете дека тоа што го гледа не постои, бидејќи сето тоа е многу реално во неговата имагинација. Тој не може да разбере бидејќи сѐ уште не може да ја разликува фантазијата од реалноста, затоа за него сè е реално и сè е фантазија. Потрудете се да разбере дека знаете дека тој е навистина исплашен во тој момент, испраќајќи јасна порака дека не е лошо да се чувствува исплашен, и дека и ова чувство, како и другите чувства, е дел од животот и е во ред.
Обидете се да не бидете вознемирени, избегнувајќи да покажете страв или преголема грижа за него (да бидете презаштитнички настроени). Детето ќе учи од вас како најдобро да се справи со ваквите ситуации.
Она што му е потребно е да го слушате и целосно да ја прифатите реалноста на неговото искуство и потоа да го поддржите без негирања и убедувања. Веројатно сте забележале дека колку вие повеќе го негирате и убедувате, толку појаки стануваат неговите чувства.
Важно е тој да чувствува дека имате доверба во него дека може да се справи со тоа.
Постојано испраќајте му порака дека го признавате неговото чувство (стравот), но и покажете му дека со ваша помош може да го надмине. Потребно е трпение и емпатија. Малку по малку, тој ќе се чувствува посигурен..
Фатете го за рака и побарајте го заедно тоа „што лази“, погледнете насекаде, во фиоките, зад завесата, па дури и под креветот. Кога вели дека е на него, нека ви покаже каде е и употребете малку глума – тргнете го од него, бидете дел од неговата борба со тоа што лази и кажете му: „Јас сум со тебе, никој нема да те повреди. Тука сум!“
Меѓу другото, можете да измислите и одбранбено оружје. Можеби има некоја магична играчка која може да ја задржи со себе и кога ќе го има овој предмет, тоа што лази нема да му се приближи. Нека биде како еден вид амајлија.
Можете да побарате од него да го нацрта. Конечно, не заборавајте да го вербализирате. Обидете се да го натерате да објасни какво е ова „чудовиште“, зошто го плаши и каква моќ има. А заедно ќе најдете начин како да го ловите.
Сите се плашиме од нешто. Иако детските стравови се ирационални, за нив се вистинити… Затоа бидете полни со разбирање и ставете се во негова кожа за да му помогнете да го надмине тоа на најдобар начин.
Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912