Воспитување

Милост за мајките

На конференција што неодамна ја посетив беше поставено прашање: „Колку од вас се плашат дека ќе се претворат во својата мајка?“

Речиси сите лица во просторијата кренаа рака. Срцето ме заболе. Ме болеше не само поради луѓето во просторијата (а сите беа прекрасни, креативни луѓе). Срцето ме болеше и поради нивните мајки, кои секогаш ќе бидат обележувани како неуспешни. Зарем никогаш не престануваме да ги обвинуваме своите мајки?! Колку години, колку пари, колку енергија сме потрошиле индивидуално и глобално зборувајќи за тоа како нашите мајки нè изневериле? Она што денес сакам да го кажам е: можеме ли да направиме пауза, барем еден ден и да покажеме малку милост кон мајките?

Бидејќи да се биде мајка е невозможно. Не мислам дека е тешко. Мислам: НЕВОЗМОЖНО Е. Како култура очекуваме од мајките едноставно да не бидат човечки суштества. Мајките би требало да бидат некоја комбинација на Богородица, Мајка Тереза и супержена. Немилосрден стандард на совршенство. Немилосрден!

Не дај Боже мајката да биде исцрпена и преплавена со емоции.

Не дај Боже да не ги разбира своите деца, не дај Боже да нема талент за воспитување деца.

Не дај Боже да има свои желби и копнежи, не дај Боже некогаш да биде преплашена, суицидна или безнадежна, да чувствува досада, збунетост или бес.

Не дај Боже да чувствува дека животот ја разочарал или да има некоја зависност или ментална болест.

Не дај Боже некогаш да се скрши, не дај Боже да не може да го контролира својот бес.

Не дај Боже да погреши, на кој било начин, засекогаш ќе биде жигосана како лоша мајка – и тоа никогаш нема да ѝ го простиме.

Моето прашање е: можеме ли денес да паузираме со осудувањето на мајките и да им покажеме сочувство? Тоа не значи дека е во ред она што ви се случувало додека сте биле деца, дека е во ред ако вашата мајка била престрога. Тоа не значи дека вашата болка не е вистинска… само значи дека можеби и нејзината болка била вистинска. А ако и вие сте мајки и никогаш не престанувате да се осудувате себеси поради неуспех… можете ли, ве молам, да престанете на еден ден?

Имајте милост кон себеси. Само еден ден.


Автор: Елизабет Гилберт

Извор

Поврзани написи

To top