Пред да стане извршен директор на „Беркшир Хатавеј“, легендарниот инвеститор покренал многу мали претпријатија – почнувајќи од својата шеста година кога купил шест лименки „кока-кола“ за вкупно 25 центи, а секоја ја продал по истата цена. Исто така, продавал списанија од врата до врата.

„Мојот татко ми беше најголема инспирација. Она што го научив од него на рана возраст беше секојдневно да имам добри навики. Штедењето беше важна лекција на која тој ме научи“, рекол Ворен Бафет во интервју за Си-ен-би-си во 2013 година.

Кога го прашале што мисли, која е најголемата грешка што ја прават родителите со децата кога ги учат за пари, милијардерот рекол: „Понекогаш родителите чекаат додека децата да влезат во тинејџерските години пред да почнат да разговараат за управувањето со парите – а можат да почнат и кога децата им се во претшколска возраст“, рекол Бафет.

Времето е важен фактор

Да, добро прочитавте: претшколска установа. Истражувачите забележале дека 80 отсто од нашиот раст на мозокот се случува додека да наполниме 3 години. Една студија од „Кембриџ“ открила дека децата веќе можат да ги сфатат основните концепти на парите во периодот од 3 до 4 години. А до 7 години се развиени основните поими што се однесуваат на идното финансиско однесување.

„Повеќето родители веќе знаат колку е важно да ги научат своите деца за парите и како со нив правилно да управуваат“, напоменал Бафет.

Според истражувањето на Т. Роу Прајс од 2018 година, кој собрал одговори од 1.014 родители (на деца на возраст од 8 до 14 години) и повеќе од 1.000 млади (на возраст од 18 до 24 години), само 4 отсто од родителите рекле дека почнале расправа на финансиска тема со своите деца пред петтата година. 30 отсто од родителите почнале да ги учат децата за парите околу 15. година, додека 14 отсто рекле дека тоа воопшто не го правеле.

Во 2011 година Бафет помогнал во креирањето детски анимиран серијал со наслов „Тајниот клуб на милионерите“, во кој им бил ментор на група ученици. Емисијата имала 26 епизоди, а секоја содржи финансиска лекција, на пример, како работат кредитните картички или зошто е важно да се следи каде ги вложувате своите пари.

Фото: mg.wikipedia.org

„И моите три деца ги подучив на лекциите научени во емисијата“, рекол Бафет во интервјуто. „Тоа се едноставни лекции наменети за работата и животот“. Ова се неколку од лекциите во емисијата, заедно со советите на Бафет за тоа како да им се пренесат на децата:

1. Како да се биде флексибилен мислител

Целта на оваа лекција е да ги поттикнете вашите деца да не се откажуваат само затоа што нешто не функционира првиот пат. Способноста на креативното размислување и надвор од рамките добро ќе ви дојде кога ќе наидете на идните финансиски предизвици.

Идеи за активност:

Одете во уметнички музеј со своите деца и разговарајте за различните стилови на секоја слика. Потоа кажете им да насликаат нешто свое. Нека размислуваат на различни алатки – освен четкички за бои (на пример, сунѓер, прсти итн.)

Претворете го својот отпад во нешто вредно, предизвикувајќи ги своите деца да смислат нови намени за старите предмети (на пример, празна кутија од житарици може да ја претворат во држач за списанија). Ова ќе ви помогне да ги научите критички да размислуваат, да заштедуваат пари и истовремено да ѝ помогнат на животната средина.

2. Како да се почне со штедење пари

Како што Бен Френлин еднаш рекол: „Заштедената паричка е заработена паричка“. За да им помогнете на децата да управуваат со своите пари, важно е да ја сфатат разликата помеѓу желбите и потребите.

Идеи за активности:

На секое дете дајте му стаклен сад: еден за штедење, друг за трошење. Секојпат кога ќе добијат пари, разговарајте со нив за тоа како сакаат да ги поделат помеѓу штедењето и трошењето.

Децата нека направат попис или колаж од фотографии од списание со 5 до 10 работи што сакаат да ги купат. Потоа поминете го заедно секој предмет и означете дали е тоа желба или потреба (на пример, нова играчка е желба, а нов ранец е потреба).

3. Како да разликуваат цена од вредност

Сите сме виновни што сме платиле повеќе пари за кул марка на чевли или некаков уред кога сме можеле да добиеме сличен предмет кој е еднакво добар за пониска цена. Идејата на оваа лекција е да им се помогне на децата да ги разберат различните начини на кои огласувачите добиваат, за да ги купиме нивните услуги или производи, а и како да им кажете што вреди или не вреди да го платите.

Идеи за активности:

Направете попис од потребните работи од супермаркет, а потоа проверете ги весниците, огласите и веб-страниците заедно со децата за предметите што може да се најдат во продажба. Споредете ги цените и видете во која продавница има најдобра понуда за одреден производ. Прелистајте ги списанијата со децата и одберете оглас што ќе го процените. Прашајте ги: Што се продава? Каква порака се испраќа со огласот? Што ти го привлекува вниманието во огласот? Како се чувствуваш во врска со него? Како огласот се обидува да те увери да го купиш производот?

4. Како да донесуваат добри одлуки

Клучот е во размислувањето за тоа како различните избори може да влијаат врз идните резултати.

Идеи за активности:

Бафет предлага да се моделираат добри вештини за донесување одлуки и разговори со децата за вашите одлуки додека ги донесувате, како и за резултатите од домино-ефектите што би можеле да се јават. На пример: „Сакаме да купиме нов телевизор, но климата е расипана и треба да заштедиме пари за да ја поправиме. Ако не го направиме тоа, ќе биде премногу топло во лето. По поправката на климата можеме да размислуваме за купување телевизор“.

Наведете ги своите деца да се навикнат на донесување добри одлуки за заштедување пари.

„Никогаш не е прерано“

Поттикнувањето здрави финансиски навики кај децата е една од најважните работи што можете да ги направите за да ја осигурите нивната успешна иднина. „Никогаш не е прерано“, рекол Бафет за „Јаху фајненес“ во 2013 година. „Без разлика дали ги учите децата за вредноста на доларот, разликата меѓу потребата и желбата или вредноста на заштедата – сето тоа се концепти со кои децата се среќаваат на рана возраст, па затоа е најдобро да им помогнете да ги разберат“.



912

X