Зумерите се плашат од нив. Бумeрите сакаат да ги има во поголем број. Милениумците ќе продолжат да ги раѓаат до крајот на оваа година. Родени приближно помеѓу 2010 и крајот на 2024 година, генерацијата алфа е демографски наследник на генерацијата „З“.
Кога последното од нив ќе се роди следниот декември, тие ќе ја затворат најголемата група на деца што некогаш постоеле на Земјата. Веќе постои загриженост дека овие деца не се „добро“. Огромното мнозинство допрва треба да го заврши основното училиште, а 20 проценти сѐ уште се во пелени, но тие често се нарекуваат „диви“, „неписмени“ и „осудени“ на „Јутјуб“ и „Тик-ток“ каде што „алфите“ опфаќаат голем дел од корисниците.
Фрлете ја вината за тоа на лошото родителство на милениумците, технолошките компании или и двете, но многумина меѓу одговорните за поставување на дискурсот на интернет се согласуваат дека треба да бидеме загрижени за нив.
-Сите на интернет навистина се плашат од генерацијата алфа. Сите велат дека таа е многу чудна – вели инфлуенсерката Ривата Дута, чија содржина е популарна меѓу алфите на „Тик–ток“.
Алфите имаат репутација на супернегативци
И покрај деценискиот пад на наталитетот, денес има повеќе од две милијарди алфа деца во светот – повеќе од една четвртина од населението на планетата, со околу шест милиони само во Калифорнија.
Некои аспекти од нивната култура предизвикуваат жестоки реакции.
Детски декор во тажна беж боја? Тоа е алфа генерација.
Деца опседнати со „ајпад“ и екрани? Повторно алфи.
Тинејџерки трчаат низ продавниците за козметика, купуваат производи за нега на кожата и ги мачкаат своите бебешки лица со ретинол – наводно претставнички на алфа-генерацијата.
Во последниве месеци алфите се појавија како најнови супернегативци на „Тик-ток“, етикета што ги следи во главните медиуми. Ако зумерите се нежни снегулки, алфите се спротивни на нив – орда која трча по производи за убавина.
Но, од каде е оваа репутација? И зошто е во пораст токму сега, додека последните алфи сѐ уште се во утробата?
-Денес има повеќе деца од кога било и повеќе отколку што ќе има во иднина. Го достигнавме врвот на деца – вели Марк Мекриндл, демографот кој го измислил терминот „генерација алфа“ во 2008 година.
Милениумските родители ја дефинирале алфа-генерацијата
Алфите се главно потомци на милениумците, луѓе родени помеѓу 1981 и 1996 година, кои се обвинети за уништување на саканите американски „институции“ како стоковните куќи, пазарот на недвижности и институцијата брак. Сега, многумина на интернет тврдат дека милениумците го уништуваат детството на следната генерација.
-Морам да ги прашам милениумците зошто нивните деца се толку ужасни и што е уште поважно, зошто мислат дека тоа е забавно – вели тиктокерката Алана Дин.
Многу семејства од генерациите „Х“ и „З“, исто така имаат алфи во семејството. Најстарите зумери штотуку ја достигнале средната возраст за раѓање прво дете во САД, додека најмладите претставници на генерацијата „Х“ се само неколку години оддалечени од менопауза, но милениумските родители се тие што ја дефинирале генерацијата алфа.
Сè започнува со „тажното беж бебе“.
Оваа агресивна естетика доминира во грижата за доенчињата од средината на генерацијата алфа, 2017 година. Дури и „Фишер прајс“ ја ублажи својата палета на бои, како одговор на побарувачката на пазарот за попридушена, помалку родово одредена облека, играчки и опрема.
За љубопитните основци, „Јутјуб“ е како Википедија
Кога станува збор за алфа-децата на училишна возраст, грижата е насочена кон озлогласеното „ајпад дете“ – детето кое не може да седи на оброк во ресторан или да се прошета накратко со јавен превоз без да гледа „Јутјуб“ на таблет.
-Стигмата е што нашите деца не се постојано пред екран, но веројатно и јас исто толку често го проверувам телефонот. Сѐ додека има добри оценки, го оставам да прави што сака, а најчесто тој го избира ајпадот – вели Крис Чин (39), чиј осумгодишен син Кавен е ѕвезда на „Јутјуб“ со половина милион следбеници од генерацијата алфа.
Гледачите кои се основци се собираат на каналот на Кавен за да го гледаат како навигира во новите игри на „Роблокс“, се забавува во Дизниленд и отвора играчки – забава што повеќето гледачи, тинејџери и возрасни, ја сметаат за збунувачка, но безопасна.
За љубопитен ученик од основно училиште, велат експертите, „Јутјуб“ функционира повеќе како „Википедија“, одговарајќи на прашања како – каде е најстарото дрво на Земјата? Како да се победи Шај Гај на четвртото ниво на „Папер Марио“? Од што се состои секретот на носот?
Децата сѐ повеќе одредуваат што ќе купуваат нивните семејства и каде ќе го поминат летниот одмор
-Кога се дружам со деца, тие имаат толку многу енергија и се толку добро информирани. Ги имаат сите овие информации на дофат на раката – вели инфлуенсерот Дуту.

Тие информации се претвораат во влијание врз зафатените и релативно попустливи милениумски родители: децата сега сè повеќе одредуваат што купуваат нивните семејства, каде ќе се оди на одмор, па дури и што да се гледа на телевизија – така барем покажуваат студиите.
-Нашите деца се толку интелигентни. Ова ќе биде една од најпаметните генерации – вели Ангес Хсу од „Хелоу вондерфул“. Нејзиното шестгодишно дете прочитало стотици дигитални книги и покрај тоа што пораснало во дом полн со физички книги.
Но, не се сите толку оптимисти.
Неписменоста е една од најчестите критики упатени кон генерацијата алфа на интернет. Емпириски, ова важи и за демографската група чија просечна возраст е 6,5 години.
Во Калифорнија се очекува децата да почнат да читаат околу месец декември во текот на првото одделение, што значи дека повеќето од нив треба да бидат описменети до Нова година. Сепак, илјадници продолжуваат да се мачат, правејќи го читањето еден од најтешките потсетници на пандемијата, што повеќето тинејџери и возрасни радо би го прескокнале.
-Алфите се децата кои се најтешко погодени кога станува збор за читањето. Само 43% од нашите ученици во Калифорнија се на соодветно ниво – вели Шервона Андерсон-Бирд, директор на Калифорнискиот проект за читање и писменост.
Денешниот просечен четвртоодделенец поминал половина од градинката и целото прво одделение дома, учејќи ги основите на читањето на „Хромбук“. До моментот кога истиот ученик се вратил во училницата како второодделенец во август 2021 година, тој практично го достигнал крајот на формалната настава со вокализација.
-Затоа имаме толку многу третоодделенци чии резултати на минатогодишните државни испити беа катастрофални. Ги претворивме овие деца во неуспешна генерација – смета Андерсон-Бирд.
-Наставниците се жалат дека имаат 14-годишни деца кои не знаат да читаат – вели Андерсон-Бирд.
-Децата не знаат да читаат и поради тоа се надвор од контрола на училиште – напишал еден наставник во објава.
Во последните шест месеци се појави подемот на најновиот стереотип за генерација алфа: „Сефора твин“. Овие 12-годишни деца опседнати со серум се снимени како дивеат низ продавниците за убавина – уништуваат примероци, тероризираат возрасни клиенти и собираат скапи производи формулирани за зрела кожа. Експертите велат дека не е случајно што поплавата од негативни предвидувања за алфа-генерацијата се појавила токму кога најстарите влегувале во пубертет, што е развојниот врв на лош вкус и лошо однесување.
-Феноменот „сефора“, тоа е безвременска карактеристика на стареењето. Зборуваме за деца кои сè уште ги развиваат своите социјални вештини и однесувања. Децата кои прават неред во тестерите за шминка се доследни на нивната животна фаза – вели демографот Мекриндл.
Инфлуенсерката Дута се согласува:
-Тоа се фази. Сакате да бидете кул кога имате 10 години.
Сепак, таа мисли дека алфите ќе останат чудни.
-Дефинитивно гледам дека доаѓа уште многу хаос. Алфа генерацијата е природно неразумна – заклучува Дута.