Здравје

Микропластика пронајдена во јајчници – дали има влијание врз бременоста?

Една од поновите студии, објавена во списанието „Екотоксикологија и безбедност на животната средина“, открила микропластика во јајчниците на жени кои се подложени на третман за неплодност. Иако е прелиминарно, ова откритие покренува важни прашања за тоа како загадувачите на животната средина влијаат врз човечката репродукција.

Микропластика се ситни пластични честички помали од 5 милиметри и често содржат илјадници различни хемикалии. Д-р Алекс Роблес од Центарот за плодност на Универзитетот „Колумбија“ објаснува дека микропластиката се создава со распаѓање на поголеми пластични предмети, а бидејќи на пластиката може да ѝ бидат потребни и до 1.000 години за да се распадне, таа ги загадува почвата, водата и воздухот. Поради широката употреба на пластика во секојдневниот живот, од кујнски прибор до амбалажа за козметика, микропластиката лесно наоѓа пат до нашите домови, храна и тела. Загрижувачки е што, според д-р Роблес, микропластика е пронајдена во воздухот што го дишеме, водата, храната, козметиката, а сега и во течноста што ги опкружува јајце-клетките во внатрешноста на јајчниците.

Дали треба да се загрижат идните родители?

Важно е да се напомене дека истражувањето е спроведено на мал примерок, испитувајќи фоликуларна течност од јајчниците на само 18 жени во Италија, кои биле подложени на процедури за асистирана репродукција. Микропластика била откриена во 14 од нив. Иако претпазлив во толкувањето на резултатите, д-р Александар Кучеров, специјалист за плодност и репродуктивен ендокринолог во Клиниката за плодност „Илуме“, вели дека наодите се сепак значајни:

-Присуството на микропластика во фоликуларната течност што ја опкружува и ја храни јајце-клетката додека созрева покренува важно прашање за тоа како загадувачите на животната средина можат да влијаат врз репродуктивното здравје.

Експертите се согласуваат дека се потребни понатамошни и пошироки истражувања за да се извлечат цврсти заклучоци.

Што открива ова истражување?

Ова е само првиот чекор кон разбирање на потенцијалното влијание на микропластиката врз плодноста. Д-р Кучеров нагласува дека самото присуство на микропластика не значи автоматски намалување на плодноста, но дефинитивно повикува на подлабоко истражување. Интересно е што студиите врз животни покажале дека микропластиката може да влијае врз хормоните и репродуктивните процеси, но сè уште не знаеме дали ефектот е ист и кај луѓето. Дали микропластиката може да влијае врз квалитетот на јајце-клетките, развојот на ембрионот или други аспекти на плодноста, треба дополнително да се испита.

Дали треба да ги промениме нашите животни навики?

Иако резултатите се загрижувачки, ова истражување е прелиминарно, па затоа д-р Роблес нагласува дека не е потребно драстично да го промените вашиот животен стил веднаш. Сепак, познато е дека изложеноста на микропластика е потенцијално штетна за здравјето, па затоа мерките на претпазливост сè уште имаат смисла.

-Намалувањето на употребата на пластика, избегнувањето на загревање на пластика (на пр., во микробранова печка) и користењето алтернативни материјали како што се стакло или не’рѓосувачки челик може да помогне во намалувањето на изложеноста – советува д-р Роблес.

Практичните чекори можат да вклучуваат:

-Користење козметика и средства за чистење без пластична амбалажа;

-Избегнување преработена храна спакувана во пластика;

-Избор на облека и постелнина направени од природни материјали како што се лен или коноп наместо синтетика,

-Ова истражување е добар потсетник дека намалувањето на изложеноста на токсини од животната средина, вклучително и микропластика, има смисла за целокупното здравје – заклучува д-р Кучеров.

Сепак, тој предупредува дека отстранувањето на пластиката од животот не гарантира бременост, за што е потребно дополнително, висококвалитетно истражување.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top