Кога сакаме нашите деца да пораснат во самоуверени и независни луѓе, важно е внимателно да ги одбираме зборовите што ги користиме во секојдневните разговори. Некои реченици што звучат како добронамерен совет, всушност, можат да всадат чувство на несигурност и неспособност на долг рок.
Во продолжение се реченици што можат негативно да влијаат врз самодовербата на децата и да направат да се чувствуваат несигурно.
„Јас знам подобро“
Речениците како „Јас знам подобро“ или „Ти реков“ честопати имаат најдобра намера: нашите деца да не ги повторуваат истите грешки. Но, тие и му ја одземаат довербата на детето во сопственото расудување.
Наместо тоа, обидете се да покажете поддршка и разбирање. Наместо „Ти реков“, кажете му: „Сите грешиме и учиме од нашите грешки. Ајде да видиме што можеме да научиме од оваа грешка“.
„Што би правел без мене?“
Оваа фраза лесно може да ја поткопа самодовербата на детето и да создаде зависност од надворешна поддршка. Наместо да му укаже на детето на можноста за самостојно учење и развој, реченицата го убедува дека нема да успее без ваша помош. Наместо оваа реченица, покажете му на детето дека верувате во неговите способности и кажете нешто како: „Сигурен сум дека ќе бидеш добро, но тука сум ако ти треба помош“.
„Не можеш да бидеш толку глупав“
Користењето на оваа фраза создава чувство на срам и безвредност. Децата грешат и учат обидувајќи се, а изразите како овој може да ги обесхрабрат да се потрудат, плашејќи се од потсмев или критика. Наместо тоа, кажете: „Ајде да разговараме за тоа како се чувствуваш. Сакам да се потрудам да те разберам“.
„Ми го уништи животот“
Ваквите реченици сугерираат дека детето е причина за вашите проблеми и може да имаат долготрајни ефекти врз неговата самодоверба. Оваа фраза не само што е неправедна, туку може да предизвика детето да се чувствува виновно, често со долгорочни последици. Најдобро би било да разговарате со детето отворено, но без обвинувања. Можете да кажете: „Понекогаш се чувствувам исцрпено, но тоа нема никаква врска со тебе. Ти си мојата среќа и секогаш ќе бидам тука за тебе“.
912