Игротека

Мелтдаун кај детето – што треба и што не треба да правите

Мелтдаун е интензивна емоционална реакција која најчесто се јавува кај деца со невроразвојни нарушувања како што се АДХД, аутизам, сензорни тешкотии. Тоа не е исто како тантрум иако може да изгледа така однадвор. Мелтдаун е момент, реакција на детето кога се чувствува емоционално, ментално, сензорно преоптоварено и не може да се справи со ситуацијата. Таа експлозија на чувства се изразува преку плачење, врескање, удирање, трчање, повлекување во себе, самоповредување или, пак, удирање со предмети. Разликата меѓу тантрумот и мелтдаун е во тоа што контролата кај децата со мелтдаун ја нема, додека со тантруми детето има одредена контрола со цел да добие нешто. Престанувањето на емоционалната реакција кај тантрумот е кога детето ќе добие нешто, додека пак кај децата со мелтдаун смирувањето е тешко. Причини за појава на мелтдаун се:

  • сензорно преоптоварување,
  • промени во рутина,
  • социјален стрес,
  • замор, глад, жед
  • претходна акумулирана напнатост.

Што да правите за време на мелтдаун?

Останете смирени – вашата смиреност му помага на детето,

Минимизирајте ги стимулите – тргнете се на тивко и безбедно место.

Не казнувајте – детето не може да го контролира тоа.

Бидете тука, но ненаметливо – детето сака присутност од вас, но и простор да може да го покаже емоционалниот притисок.

Не објаснувајте во моментот – детето не ве слуша во тој момент.

Како да помогнете?

Водете дневник да ги откриете тригерите,

Работете со сензорен терапевт на сензорна интеграција,

Учете го детето на техники за смирување (дишење, визуелни помагала),

Создајте рутина,

Консултирајте се со психолог или специјален едукатор и рехабилитатор.

Начини за справување со мелтдаун кај дете

Превенција – намалување на ризик од преоптоварување, користите рутина, визуелни распореди, научете го детето да може да ги препознава знаците или пак сигналите и да ги искаже со збор или некој знак. Обезбедете му безбедно место за смирување со омилените предмети или сензорни играчки.

Рано предупредување – целта е да се интервенира пред да се случи моментот на емоционална реакција. Родителот, наставникот или лицето кое се грижи за детето може да ја препознае преоптовареноста преку: повлекување на детето или ако станува вознемирено, ги покрива ушите или очите, зборува побрзо.

Интервенции што треба да ги преземете – понудете да излезете надвор или пак да го однесете детето на место кое е смирувачко за него, користете сензорни активности (дајте слушалки, користите пилатес-топка, ќебе, сензорна лулашка, топки во зависност од состојбата и возраста на детето).

За време на мелтдаун – целта е безбедност и минимално надразнување.

НЕ треба да се обидувате да објаснувате, да го казнувате или да го допирате детето ако тоа не сака.

Што ДА правите – останете смирени, тивка околина, намалена светлина, бидете блиску, но дајте му простор, зборувајте од аспект на поддршка: „Тука сум за тебе“, „Безбедно си“, „Можеме да одиме кога си подготвен“.

По мелтдаун – оставете доволно време за целосно смирување. Потоа разговарајте или преку игра увидете која е причината за емоционалниот бес. Доколку детето е невербално, тогаш направете картички кои ќе покажат што сака детето да направи, на пр., картичка за избор да бидам сам, сакам вода и картичка за чувства, тага, лутина.

Сите овие чекори и можности за справување пред и по мелтдаун ги приспособуваме и ги применуваме зависно од личноста на секое дете. Доколку имате тешкотија во справувањето, консултирајте се со стручно лице.

Автор: Теодора Томовска Ристовска, специјален едукатор и рехабилитатор, реедукатор по психомоторика, гешталт-психотерапевт во едукација

Поврзани написи

To top