Кога се работи за покажување примери за хуманост и емпатија, често главни протагонисти во таквите приказни се децата. Приказната што следува не е исклучок. Во едукативниот институт „Закатекас“, во рамките на основното училиште во Мексико, 35 деца изградиле засолништа за кучиња-скитници користејќи рециклирани материјали што ги донеле од дома. Нивниот подвиг се раширил во онлајн-светот и на социјалните мрежи, па сега сите сакаат да дознаат од каде произлегла нивната идеја.
Пред крајот на учебната година децата од петто одделение смислиле проект чија цел била да направат некакво позитивно влијание и промена во општеството. Предводени од нивниот наставник, учениците го детектирале овој проблем (за жал, многу чест) на улиците во нивниот град: кучињата-скитници. Потоа одлучиле да создадат куќи за нив кои ќе им служат како засолништа од студеното и врнежливо време.
Проектот имал и друга цел: да се изградат куќи со материјали што учениците ги имале дома, со цел да се промовира културата на рециклирањето. Така, децата изградиле засолништа користејќи сечено дрво, стари чаршафи, пластични шишиња, картони, крпи итн. Најмногу од сè ја користеле својата имагинација за да ги обојат и декорираат засолништата, па така им обезбедиле удобни домови на уличните животни.
Откако ги презентирале куќите за кучиња од рециклиран материјал, ги донирале во шелтер-центарот „Албергуес Лазос Канинос“, кој е дел од непрофитна организација одговорна за спасување и удомување на кучиња-скитници во Закатекас, Гвадалупе, Енрике Естрада и Калера, Мексико.
фотоизвор: Instituto Educativo de Zacatecas / Facebook
Напуштањето на животните доведе до сериозни последици и веќе прерасна во јавен проблем во Мексико. Според компанијата „Боехрингер Ингелхајм анимал хелт“, 70 отсто од популацијата на кучиња во Мексико се скитници. Ова е алармантна бројка бидејќи тука се вклучуваат и многу компликации што ја засегаат животната средина.
За среќа, има сè повеќе луѓе и организации што се посветени на спасување, рехабилитација и одговорно посвојување на напуштените кучиња. Спасителите извршуваат алтруистична работа и промовираат свесност за одговорно чување на миленичињата. Нивните препораки се следните:
– Посвојувај, не купувај.
– Не парете го вашето куче и стерилизирајте го навреме.
– Миленичето е живо битие: земете ги предвид времето, посветеноста, навиките, финансиската ситуација и можностите што ги имате пред да преземете таква одговорност.