Воспитување

Мекици за да биде меко, црвен конец против уроци… Македонски обичаи кога ќе се роди бебе

Обичаите и традициите што доаѓаат со самото раѓање на бебето насекаде се различни, па така и во нашата земја. Имено, нашето поднебје има интересни обичаи и традиции кои дел од мајките одлучуваат да ги почитуваат, но за некои тоа се „бабини деветини“ па одлучуваат да ги игнорираат.

Кога ќе се роди бебето се приготвуваат мекици – во тетовскиот крај мекиците најчесто ги приготвува свекрвата. На мекици се канат само жени, кои носат подароци и нешто благо – за животот да му биде благ на бебето.

Откако ќе се роди бебето, се оди во црква и се зема мала молитва и крстена вода. Во водата во која се бања бебето треба да се стави од крстената вода, а мајката треба да се напие од неа. Доколку остане крстена вода и по последниот 40-тиот ден, тогаш таа се истура во земја.

Обичајот со мекиците варира според регионите – некаде таткото е тој што дава мекици, меѓутоа, даваат и другите членови од семејството. Некаде свекрвата, мајката или сестрата на леунката разнесува мекици по роднините. Симболот на мекиците е за детето да биде меко, а тие се служат со благо за тоа да има благ живот.

 

Во други краеви, пак, се вари грав, а малечки дечиња треба да го јадат наземи. Се крши погача и заедно со Библијата им се дава на гостите. Бебето се става во кошулата на таткото и додека го нишаат, гостите фрлаат различни предмети во кошулата.

Во принцип, речиси во сите градови на Македонија се почитуваат оние познати 40 дена кога мајката и бебето не треба да излегуваат од дома, ниту пак треба да примаат гости. По 40-те дена, најчесто се зема голема молитва.

Во текот на овие 40 дена мајката се смета за „нечиста“, така што не смее да има интимни односи со својот сопруг.

Исто така, по 40-тиот ден бебето може да го посетуваат и другите луѓе. Причината поради која се чекаат 40 дена најчесто е заштита од какви било инфекции или, пак, уроци и магии, како што голем дел од луѓето милуваат да кажат.

Во текот на 40-те дена мајката не смее да суши алишта надвор откако ќе зајде сонцето и не смее да излегува од дома.

Кога станува збор за посетување на бебето, девојките не смеат да имаат месечен циклус за бебето да не се исфрла по кожата. Доколку имаат, треба да му шепнат на уво на бебето за да се избегне нафрлањето. Исто така, гостите не смеат да доаѓаат навечер, само во текот на денот затоа што ако влезат во темно, тогаш му носат темно на детето, а со тоа и магија и духови. Мајката во текот на тие 40 дена не смее да вели пријатно, од куќата не се изнесува ништо, не смее да подава преку маса ништо, ниту пак да испраќа некој за да не ѝ секне млекото.

Против уроци мајките треба да врзат црвен конец околу рачето на бебето или, пак, да се облече чорапче наопаку.

Поврзани написи

To top