Во последните неколку недели во Хрватска се зголемува бројот на заболени од респираторен синцицијален вирус или РСВ, а најзагрозени се најмладите возрасни групи, односно новороденчињата и доенчињата до шест месеци. Според Хрватскиот институт за јавно здравје, РСВ предизвикува инфекции на респираторниот систем кои најчесто се манифестираат со симптоми на инфекција на горните делови на респираторниот систем, како настинка.
Овој вирус, сепак, може да предизвика и инфекции на долниот респираторен тракт, како што се бронхиолитис и пневмонија. Кај доенчињата, РСВ е најчеста причина за бронхиолитис, воспаление на дишните патишта во белите дробови. Тој е многу заразен и се пренесува преку капки. Иако има неколку симптоми на РСВ, како што се течење на носот, кашлица, намален апетит, треска, замор, раздразливост и кивање, медицинската сестра Ники Јуркуц укажува на еден специфичен знак преку кој родителите можат да согледаат дека нивното дете има вирус, а тоа е тешкото дишење.
На видеото што го објави на својот „Тик-ток“ профил можеме да видиме бебе од само еден месец кое поради тешкотии со дишењето го покажува токму тоа.
„Еден од знаците на РСВ кај децата е очигледното влечење на мускулите на градниот кош и кожата меѓу ребрата“, напишала таа под објавата и апелира до родителите доколку го забележат овој симптом кај детето, веднаш да побараат лекарска помош, бидејќи најверојатно се работи за вирус кој е многу сериозен и може да има опасни последици врз здравјето на детето.