Се разбира, болеста на детето е нешто што секој, апсолутно секој родител едноставно би ја прескокнал или избришал. Никој не сака да однесе дете на ургентно или да остане со детето во болница. Тоа не е место каде што сакаме да поминуваме ни една минута, а камоли денови. Сепак, тоа не ни дава за право да се однесуваме како да постоиме само ние и нашето дете во светот.

Претпоставуваме дека тоа е незамисливо за многу родители, а повеќето од нив се однесуваат многу пристојно и скромно во болниците и не бараат многу повеќе од разбирање и информации за состојбата на детето. Но, има и други. А на таквите, сигурни сме, и медицинските сестри и докторите сакаат да им кажат секакви работи. Но, не ги кажуваат. Затоа, една медицинска сестра на педијатрија анонимно напишала листа со работи што би сакала да им ги каже на родителите, но не може. Барем не директно.

Не викајте ме за да ви донесам кафе

Знам дека сте со детето, знам дека понекогаш не можете да го оставите само, но јас имам мали, болни пациенти за чување и не ми текнува на вашето кафе.

Болницата не е хотел

Не, не може и другиот родител да остане со детето. Некогаш едвај имаме место за еден родител, а камоли за двајца.

Не го избирам менито, ниту готвам

Жал ми е што не ви се допаѓа болничката храна. Жал ми е ако е ладно или невкусно. Но, не го избирам јас менито, ниту ги приготвувам оброците.

Бидете љубезни кон нас

Ви благодариме за чоколадото или кафето што ни го оставивте. Но, повеќе би сакале да бидете добри и љубезни кон нас додека сте тука.

Одржувајте ја собата уредна

Обидете се собата да ја одржувате уредна. Полесно е ако не мора да ги прескокнуваме вашите чанти или играчките на вашето дете.

Да, морам да го разбудам вашето дете

Лековите се даваат во одредено време, така што морам да го разбудам вашето дете во текот на ноќта за да му дадам лек.

Ние сме емотивни и ги носиме ситуациите со нас дома

Знам дека не ви е лесно, знам дека ве плаши помислата дека вашето дете е болно и е во болница, но треба да знаете дека и нам не ни е лесно кога гледаме болни деца.

Не, не го заборавивме вашето дете

Знам дека понекогаш изгледа како да сме зафатени со други пациенти, но ветувам дека ќе стигнеме и до вашето дете. Здравјето на вашето дете исто така мој приоритет.

И за крај: ви благодариме што го доверивте здравјето на вашето дете во наши раце. Голема привилегија е да му се помогне на едно семејство во време на криза. Се надевам дека никогаш повеќе нема да се сретнеме во исти околности – и тоа го мислам на најдобар можен начин.

Извор



912

X