Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојата 12-годишна ќерка е премногу интровертна, премногу е затворена и ништо не споделува со најблиските дома. Најмногу ме загрижува што апсолутно не изразува никаква желба или потреба за нешто, нема свои соништа, не мечтае за тоа што сака да биде кога ќе порасне, не мечтае за нов телефон, за некаков нов курс или вештина… Неколку пати сме се обиделе да разговараме на таа тема, да ѝ објасниме дека какви и да ѝ се соништата, колку и да се чинат мали или големи, секој од нас сонува за нешто и тоа е таа мотивација што нè води во животот, по што таа се фрустрира и почнува да плаче затоа што чувствува дека нема никаква желба за ништо. Оттука станува многу тешко и „казнувањето“.

Почна да попушта во учењето и ние како родители немаме начин да ја казниме за нешто бидејќи што и да ѝ одземеме (телефон, излегување, спорт…) таа е тотално индиферентна кон казната.

Дали ова се должи на недостиг на самодоверба да ги искаже сопствените мисли и желби? Како да се однесуваме понатаму? Како да ја мотивираме да има желби и идеи? Инаку, се работи за мирно девојче, секоја година првенец на генерација секогаш е фалено од сите страни, и дома и во училиште, и надвор… Зошто би имала толкав недостиг на самодоверба…

ОДГОВОР:  Ова е комплексна ситуација и моите согледувања се базирани само на овие неколку реда што ги споделивте и кои притоа ја раскажуваат ситуацијата согледана само од едната страна. Не сум сигурна дали станува збор за дете кое нема свои соништа или дете кое едноставно не сака да ги споделува своите соништа.
Мене ме загрижува вашата загриженост дека поради тоа што вашата ќерка нема желби и соништа, вие како родители немате со што да ја казните. Ова ме наведува да се запрашам како очекувате таа да ги споделува со вас своите желби и соништа доколку вие потоа ги користите за да ја казните на тој начин што ќе ѝ ги одземете? Во таквите ситуации честа одлука што ја носат децата е „не сакам ништо, или не кажувам што сакам, бидејќи на тој начин не можат да ми го одземат и јас се поштедувам од болка“. Од друга страна, за колкаво попуштање станува збор, со оглед на тоа дека зборуваме за дете кое со години е првенец на генерација? Дополнително нешто кое е значајно да се погледне е дали таа е првенец на генерација бидејќи тоа е нејзина желба или можеби е тоа само ваше очекување кое таа се обидува да го исполни? Една причина за пад во успехот кај исклучително успешни деца е бидејќи тоа е тивок отпор кон притисокот наметнат од родителите. Исто така, падот може да биде резултат и на нешто што детето го носи или со кое се соочува, а кое силно го плаши, загрижува или вознемирува. Затоа, доколку забележувате значаен пад во успехот, јас би ви посочила прво да истражите што се крие зад тоа, а дури потоа да гледате кои воспитни мерки ќе ги искористите за да го санирате.

Една стара поговорка од овие краеви вели – на човек сосила можеш да му одземеш нешто, но не можеш сосила да му дадеш. Од тој аспект, не постои начин или нешто што вие можете да го направите за да ѝ наметнете или да предизвикате таа да создаде свои соништа, ако веќе ги нема создадено

Пишувате дека вашата ќерка е индиферентна кон казните, но често пати зад таа маска на индиферентност знае да се крие цело море од бурни и тешки емоции. За жал, познавам многу возрасни кои како деца биле воспитувани на овој начин и речиси кај сите забележувам доза на страв да ги споделуваат со другите своите желби, соништа и планови за иднина. Исто така, елемент кој е забележителен кај поголемиот број од нив е доста големата емотивна дистанцираност во релацијата со родителите и степенот на недоверба што го имаат кон нив.

Би сакала да ве охрабрам да забележите како вие реагирате кога таа ќе сподели некоја желба или идеја со која вие како родители не се сложувате. Честопати децата не ги споделуваат своите желби и соништа доколку се свесни дека ќе наидат на неодобрување кај родителите.

Една стара поговорка од овие краеви вели – на човек сосила можеш да му одземеш нешто, но не можеш сосила да му дадеш. Од тој аспект, не постои начин или нешто што вие можете да го направите за да ѝ наметнете или да предизвикате таа да создаде свои соништа, ако веќе ги нема создадено. Самото тоа што вашите разговори во однос на нејзините соништа завршуваат со фрустрации и плачење ми укажува дека притисокот со кој таа е соочена во текот на овие разговори и можеби премногу силен. Оставете ѝ простор да разговара со вас тогаш кога ќе се почувствува спремна. Бидете подготвени дека дете што долго време не ги искажувало своите желби и соништа нема наеднаш да скокне во тој процес и дека веројатно ќе има потреба да се осигури дека тоа што ќе го сподели со вас нема да биде искористено против неа. Многу е важно да бидете трпеливи во овој процес и доволно отворени за да не ги отфрлате или осудувате нештата што таа ќе ги сподели со вас. Во никој случај не користете ги информациите што ќе ви ги довери за да ја казнувате. Бидете подготвени дека на почетокот можеби ќе ви каже нејасни и недоволно кристализирани идеи. Бидете ѝ поддршка во овој процес така што прво ќе ги прифатите и чувате овие недоволно јасни идеи низ процесот на нивното разјаснување и избистрување. Дополнително понудете ѝ ја својата помош и поддршка заедно да гледате и да го избистрите тој процес, но само доколку таа дозволи. Бидете внимателни бидејќи поради големата љубов и желбата да се помогне, често пати родителите им се замешуваат на децата или се обидуваат да го избрзаат процесот, а со тоа им прават дополнителен непотребен притисок. Имајте предвид дека вашата ќерка е 12-годишна и допрва ќе се открива себеси и своите желби, и допрва ќе ги гради своите соништа и визии за тоа што сака да биде кога ќе порасне.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

 

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X