Да се биде мајка е работа со полно работно време. И со прекувремени часови. И работна недела која трае многу подолго од 40 часа. Тоа е веројатно најодговорната работа во светот.
Пораснав гледајќи ја мајка ми како се бори да балансира помеѓу работата и семејството. Гледав како таа секојдневно се бореше, без солзи и забелешки. Свесно или несвесно, гледајќи ја, научив толку многу лекции – само од начинот на кој таа ги надминуваше секојдневните предизвици. Благодарение на мојата мајка, која работеше, пораснав во силна жена. Еве што научив за животот, кариерата и семејството гледајќи ја.
Таа ме инспирира да работам на себе и да ги следам своите желби
Имав модел и пример уште пред да се родам. Освен ако немало вистински итен случај дома или се работело за празник или одмор, не се сеќавам дека мајка ми некогаш си зела слободен ден, тукутака. И колку и да беше уморна, таа се враќаше од работа со насмевка на лицето, за нас. Но, не само тоа. Таа навистина ја сакаше својата работа и знам дека никогаш не би се согласила да прави нешто што не ја исполнува. И со таа вистинска страст, таа ми ја всади желбата да си го најдам сопствениот пат во животот и кариерата што ќе направи да се чувствувам исполнето, исто како неа. И да станам жената што сакам да бидам.
Направи да се гордеам со неа, уште од мали нозе
Во нашето семејство имаше периоди кога таа беше единствената што носеше пари дома. Никогаш не ја слушнав да се жали. Таа работеше напорно за да го обезбеди нашето семејство и ми даде уште една причина плус да бидам горда. Стоеше цврсто на земја, без разлика на каков предизвик наидуваше. И секогаш беше жена која во тешки ситуации бараше решение, а не чекаше некој друг да го направи тоа наместо неа. Не со зборови, туку со дела ме научи дека жената може сè и дека откажувањето не е опција.
Жената може да има сè – и кариера и среќно семејство
Таа никогаш не нѐ запостави нас, ниту домаќинството, и покажа дека е можно да се биде успешен на сите полиња, ако го сакате тоа. Како и повеќето деца, знаев да бидам каприциозна и да ја покажувам својата волја. Особено кога стануваше збор за храна. Но, таа ме научи да правам компромиси, а и учеше заедно со мене. Речиси секој ден поминувавме квалитетно време заедно. Не се сеќавам дека сум легнала да спијам без приказна, а денес навистина се прашувам – како таа се снаоѓаше во сето тоа и дали јас ќе можам да го направам истото?
Балансирање помеѓу работата, животот и сè помеѓу
Мајка ми избра да направи одредени жртви за семејството за кои јас станав свесна многу години подоцна. Таа одбила унапредување на работа бидејќи сметала дека тоа не е вистинскиот момент. Тоа беше истата година кога се подготвував за приемен испит во средно, а таа сакаше да биде тука за мене и да ми помогне. Таа знаеше дека подобра позиција на работа ќе значи помалку време за да ми се посвети. Но, она на кое најмногу се восхитував беше тоа што покрај сите нејзини обврски, на крајот од денот, кога таа и тато ги завршуваа задачите со нас и во домот, одеше во својата соба и два часа УЧЕШЕ за испитот за кој се подготвуваше бидејќи се запиша на постдипломски студии.

Бидете секогаш независни и финансиски обезбедени
Од неа видов дека жената треба да биде независна и да не дозволи да зависи од мажот. Денес, ако треба некаде да возам среде ноќ, да платам сметки, да купам нови чевли, не ми треба маж за тоа. Можам сама да ги сторам сите тие работи. И тоа благодарение на фактот што мајка ми така ме воспита.
Сакам да бидам како неа
Секогаш кога ќе се најдам во тешка ситуација, размислувам за борбите што ги водеше мајка ми и ако не можам да ѝ се јавам и да ја прашам за совет, се запрашувам: „Што би направила сега таа?“ Нѐ воспита со оптимистичкиот став: „Ти можеш.“
Ако некој ме праша како дефинирам супержена, нема многу да размислувам. Ако постои супержена, тогаш тоа е мојата мајка и милиони жени слични на неа.
912