Игротека

Мајчиниот глас го обликува мозокот на предвреме родените бебиња, открива истражување од „Стенфорд“

Во тишината на неонаталната интензивна нега мајчиниот глас има сила што тешко се објаснува. За бебињата родени неколку недели предвреме, нежните зборови, приказни и приспивни песни не се само израз на утеха. Тие се алатка што го поттикнува развојот на мозокот. Ново истражување од Универзитетот „Стенфорд“, објавено во списанието „Фронтиерс ин хјуман неуросајнс“, покажува дека слушањето на мајчиниот глас им помага на предвреме родените бебиња да развијат клучни мозочни патишта за јазик.

Науката зад мајчиниот глас

– Ова е првиот доказ за причинско-последична врска дека говорното искуство придонесува за развојот на мозокот во оваа многу рана возраст – изјави главниот автор на истражувањето, д-р Кетрин Травис, која го спровела истражувањето на „Стенфорд“.

Нејзиниот тим проучувал како снимките од мајките што читаат влијаат врз недоносените бебиња. Во првото такво рандомизирано контролирано истражување тие откриле дека бебињата кои редовно го слушале гласот на своите мајки покажале посилен развој на делот од мозокот задолжен за обработка на јазикот.

– Бебињата беа изложени на оваа интервенција релативно кратко време. И покрај тоа, видовме многу мерливи разлики во нивните јазични патишта. Моќно е тоа што нешто толку мало може да направи толку голема разлика – изјави д-р Мелиса Скала, клинички професор по педијатрија и неонатолог во детската болница.

Бебињата вклучени во истражувањето ги слушале снимките од своите мајки околу 160 минути секоја вечер во текот на неколку недели.

Зошто е важно откритието?

Предвреме родените бебиња често поминуваат недели или месеци во болница, каде што слушаат помалку познати гласови отколку што би слушале во утробата. Бидејќи многу родители не можат постојано да бидат со нив, ова истражување нуди надеж: дури и кога физичкото присуство не е можно, снимениот глас на родителот може да помогне во развојот на мозокот на детето.

– Секогаш ќе ги поддржуваме родителите да ги посетуваат и да разговараат со своите бебиња лично колку што можат – нагласува д-р Скала. Таа додала дека личните посети овозможуваат и контакт кожа на кожа, кој исто така има докажани невроразвојни придобивки.

Моќта на познатиот глас

Слухот кај бебето почнува да се развива околу 24. недела од бременоста. До раѓањето, бебето веќе го препознава мајчиниот глас и ритамот на јазикот. Тие звуци му помагаат на мозокот да се подготви за комуникација.

За предвреме родените бебиња, кои пропуштиле дел од тој период во утробата, слушањето на мајчиниот глас во болница може да послужи како нежна замена. Секој збор, приказна или песна ги поврзува јазикот и емоциите, создавајќи темели што траат цел живот.

Извор

Поврзани написи

To top