Млада мајка почнала да пишува блог откако книгите што ги прочитала опишувале совршени ситуации во животот на родителите и децата, па така таа сакала на другите да им прикаже малку поинаква, пореална слика.
– Тој ‘рчеше по напорната недела, а јас бев будна размислувајќи за работи што некогаш ги правевме. Колку бевме поинакви претходно. Бев бесна на него поради тие промени. Си се лутев сама на себе бидејќи се променив. Никој друг не е виновен. Тоа е само момент во нашиот живот кога можам да речам: „Не е сè розово“ – пишува Мел Ватс на својот блог „The Modern Mumma“.
– Повеќе нема состаноци што траат долго во ноќта. Повеќе нема излежување во креветот наутро. Спонтани патувања за викенд повеќе не можеме да си дозволиме, а долгите туширања со жешка вода сега се прават набрзина, додека се обидуваме да ги истушираме и децата.
Одгледувањето деца е тешка работа. Децата ни станаа најголем приоритет, а во еден момент мораме да научиме како да го свртиме вниманието назад кон нашата врска – заклучува таа.
Во својот текст Мел Ватс се запраша дали таа промена што се случила по раѓањето на децата е промена на подобро или на полошо.
– Мислам дека не е промена на полошо. Мислам дека во овој момент од животот сме на вистинското место, токму сега, токму тука. Сè уште сум заљубена во мојот маж. Само што сега тоа е различен вид однос. Тоа е обврска. Тоа е задоволство. Понекогаш е фрустрирачки. Понекогаш се повторува. Тоа е уште едно поглавје во нашиот живот.
– Дали тоа значи дека романтиката умре? Не. Многу е жива, но сега тука се вмешани уште четири човечки суштества и повеќе не е толку лесно. Дали мислам дека мојот маж заслужува повеќе? Да, тој го заслужува целиот свет во моментот, а сè што јас можам да му дадам во овој момент е влакнеста, нервозна жена – хумористична е Мел.
– Ако денес некој ме праша дали нашиот однос се променил со текот на времето, јас би одговорила да. Ништо повеќе нема да биде исто. Животот се врти околу промени. Поентата е заедно да поминуваме низ тоа, низ доброто и лошото – заклучува Ме
– Откако ќе престанете да се споредувате со себеси од пред многу години, станува полесно. Откако ќе разговарате за тоа, сфаќате дека и двајцата се чувствувате исто. Секако, загрижува и е страшно. Никој не сака промени, и никој не очекува промени. Но, како и сè друго во животот – врските се менуваат.
Не би сакала да бидам стара со никој друг! – завршува Мел.