Секако дека размислувам и да сакам успешна фудбалска кариера, а тимовите за кои сонувам да играм се Црвена звезда и Манчестер јунајтед и секако репрезентација на Македонија. Би сакал да се сретнам и да заиграм заедно со мојот омилен фудбалер Вирџил Ван Дајк, вели Матеја

Дванаесетгодишниот фудбалски талент Матеја Масев и официјално потпиша за младинскиот тим на Црвена звезда и веќе е во Белград, каде што тренира со најтрофејниот српски клуб. Станува збор за фудбалски бисер од Македонија, кој како обожавател на Звезда почнува да си го остварува сонот. Тој потекнува од спортско семејство, татко му Данчо Масев е поранешен фудбалски репрезентативец.

Матеја е производ на младинската школа на струмичкиот клуб Академија Пандев, инаку основан од нашиот најдобар фудбалер на сите времиња – Горан Пандев. Во Академија Пандев тој тренирал шест години и бил дел од шампионската генерација играчи родени во 2010 година, под менторство на тренерот Васко Тодоров. Матеја  цело време е во топ-3 талентите во својата возрасна категорија, а тоа не остана незабележано од страна на скаутите од Звезда, кои искористија можност да го „грабнат“ во своите редови.

– Матеја беше со најголем стаж од својата шампионска генерација 2010 под главно менторство на тренер Васко Тодоров и веќе цели две години со осетен фудбалски прогрес во секоја смисла. Физички, интелектуално и технички доста над македонскиот просек. Сме споменувале повеќе пати и така и излезе, воопшто не е за чудо по толку турнири и игри дека ќе биде забележан и повикан од некој топ-великан на Балканот. Многу знае од фудбалот, а уште многу повеќе ќе дознае. Многу финеси и детали. Значењето на технички, физички, тактички, психолошки подготовки – велат од Академија Пандев.

Татко му Данчо е поранешен македонски репрезентативец

Матеја е роден во Скoпје, а порасна во Струмица, каде што уште на петгодишна возраст почнал да тренира фудбал. Тој се пробал и во други спортови, но секако и фактот што неговиот татко бил професионален фудбалер придонел да се насочи исклучиво кон овој спорт. Тој ги научил основите на фудбалската игра од неговиот татко и од самиот старт знаел дека еден ден ќе стане професионален фудбалер.

– Тренирав и кошарка, но фудбалот ми беше најпривлечен за играње и затоа останав со фудбалот. Сите од моето семејство се поранешни спортисти. Татко ми е поранешен репрезентативец во фудбал, најверојатно затоа и мојата љубов кон фудбалот е најголема. Од странските фудбалери омилен ми е Вирџил ван Дајк и Немања Видиќ, а од македонски Мусли. Омилена позиција ми е стопер и играм токму на таа позиција – вели Матеја.

Шест години дел од Академија Пандев

Матеја во Академија Пандев беше дел од генерацијата играчи родени во 2010 и со тој тим од 2017 до 2022 под водство на тренерот Васко Тодоров направи огромни успеси и резултати. Од 2018 до 2021 тие беа македонски шампиони во нивната генерација. Освојувале многу меѓународни турнири во Бугарија, Грција, Србија, Романија итн. Тоа бил еден вид младински “dream team”, од чии редови талентите почнуваат да бидат забележувани од странските гиганти и да заминуваат надвор од државата. 

– Да, од самиот старт на моето професионално тренирање фудбал сум дел дел од Академија Пандев. Сметам дека многу добро се вклопив во тимот, а за кратко време успеав да станам и капитен. Научив многу во Академија Пандев и сметам дека добив одлична основа за понатамошниот фудбалски развој. Со мојата генерација играчи бевме одличен тим и освоиме многу трофеи, така што дојде време да се движиме понатаму – додава Матеја.

За мене и моето семејство, ова значи голем успех

Со оглед на тоа што од мали нозе е обожавател на Црвена звезда, Матеја со воодушевување ја примил понудата на скаутите на овој белградски гигант да дојде на проба со тимот. Откако успешно ги покажал своите квалитети, тој веќе и официјално е регистриран како играч на Звезда, а зад себе има и еден трофеј со тимот.

–  Бев забележан од страна на скаути на Црвена звезда на Манце купот во Белград, по што ме контактираа и дојдов на проба. Испитот заврши успешно на задоволство на сите и така останав во Белград. За мене и за моето семејство, ова значи голем успех, особено поради фактот што имам само 12 години. Од друга страна, тоа е и предизвик да работам уште посилно и да постигнам уште поголем успех понатаму, бидејки од мали нозе имам посебна љубов кон Црвена звезда. Веќе  настапувам за младинските категории на Звезда и со тимот имам освоено и прво место на турнирот „Влада Димитријевиќ“. Убаво ми е тука и се надевам дека со напорни тренинзи и работа, ќе ми се даде можност да го облечам и сениорскиот дрес на Црвена звезда и да истрчам на славната „Маракана“ – вели Матеја.

Наутро одам на училиште, а навечер тренирам

Освен на Црвена звезда, Матеја е и страстен навивач на Манчестер јунајтед. Покрај клупски успех, тој се надева дека еден ден ќе го облече дресот на македонската репрезентација. Инаку, омилен играч му е Вирџил ван Дајк.

– Дружењето со семејство и другарите е нешто што ми претставува најголемо задоволство, а исто така и играњето плејстејшн и гледањето врвен европски фудбал. Одам на училиште наутро, а тренирам навечер, така што имам време и за одмор и за учење. Одлично се вклопив и во училиште и посетувам настава на српски јазик. Нормало е дека размислувам и сакам успешна фудбалска кариера, а од тимовите за кои сонувам да играм се Црвена звезда и Манчестер јунајтед и секако репрезентација на Македонија. Би сакал да се сретнам и да заиграм со мојот омилен фудбалер – Вирџил ван Дајк – вели Матеја.



912

X