Стекнав другари од целиот свет, го проширив своето знаење и посамоуверено комуницирам со сите

Во Македонија дефинитивно има талентирани и амбициозни деца кои со огромна храброст го покажуваат своето знаење низ целиот свет. Еден од нив е Матеј Ѓорчески, 13-годишно момче од Скопје. Тој заедно со својот јуниор тим, составен од уште двајца ученици од Македонија – Андреа Смокварска и Матеј Бошковски, освои златен и сребрен медал на светскиот ученички натпревар во Барселона, на кој сами се пријавиле и сами отишле, без ментор.

Матеј обожава добра дебата, работа во екипа, правичен е и е голем борец, дури и во вистински ринг – тренира кикбокс веќе две години. Како и сите тинејџери, во слободно време слуша музика, вози велосипед, ролери, гледа филмови и поминува многу време со своето куче. Исто така, сака да се дружи со своите две сестри Софи (22) и Деница (9). Вели дека сака да биде опкружен со убави и паметни девојчиња, но во моментов нема девојка.

Матеј ни раскажа за идејата да се пријави на натпреварот, за тоа како го основал тимот, како отишле во Барселона и искуството што го стекнале таму…

Тимот на Матеј освои два златни и два сребрени медали

Натпреварот е основан со само една цел: да им помогне на учениците од целиот свет да ги откријат своите вештини и да го остварат својот потенцијал. Тој е составен од неколку сегменти: во првиот дел тимовите од 53 земји одговараат на 120 прашања, потоа го покажуваат својот талент во пишување есеи и на крај тимовите водат дебати.

– Имав голема желба да се натпреварувам со врсниците, но и да ги проширам своите сознанија и искуства во дебати на англиски јазик бидејќи целиот натпревар се одвиваше на англиски јазик. Мојата наставничка по англиски јазик ми спомена за натпреварот и ме мотивираше да бидам упорен и да се пријавам. Премногу сум ѝ благодарен за поддршката бидејќи стекнав убаво искуство, се запознав и се дружев со деца од целиот свет. Сега многу полесно, поопуштено и посамоуверено комуницирам со сите – вели Ѓорчески.

Училиштата во Барселона се сон за секое дете

Натпреварот траеше од 21 до 27 јуни. Најпрвин се натпреваруваат децата до 14 години во јуниор групата, а подоцна и оние над 15 години во сениор групата. Организаторите на натпреварот ги прошетале низ најубавите училишта во Барселона. Критериумите за пријавување беа високи, а самиот процес – прилично сложен.

– Плаќавме 700 долари котизација од ученик и бевме условени да составиме тим од три деца за да ја претставуваме нашата држава. Освоивме златен и сребрен медал за пишување есеј и за прашањата од првиот дел од натпреварот. Многу се гордеам со наградите со оглед на тоа што ние бевме единствениот јуниор тим што ја претставуваше Македонија, а имаше огромна конкуренција. Од Индија имаше 20 тима, а од Обединетите Арапски Емирати имаше дури 30 – вели Ѓорчески.

Само тимот од Македонија без стручна помош

Матеј и неговиот тим беа единствените што се натпреваруваа без стручна помош.

– Ние се натпреварувавме без наставник, супервизор или тутор. Исто така, никој не нѐ подготвуваше за натпреварот. Немавме време, а немавме ниту насоки од некој наставник да се спремиме дополнително. Англискиот го знаев само од курс по англиски јазик, што не е доволно и не помага многу за натпреварот, каде што суштината е дебатирање и бранење тези со аргументи на однапред зададена тема – признава Ѓорчески.

Сепак, за него ова е огромна мотивација да продолжи да го надградува своето знаење.

– За мене ова е огромен успех. Имаше тимови што беа многу добро организирани, а не освоија ниту една награда. Им препорачувам на сите ученици од Македонија да учествуваат на овој настан бидејќи ќе се стекнат со позитивно искуство – додава тој.



912

X