Воспитување

„Мамо, зошто ме сакаш?“

Беше распуст и ги возев децата кај баба и дедо во село. Неколку недели пред тоа дознав дека брат ми ќе го добие своето прво дете (еуфемизам за „Ќе станам тетка на убав ангел“), па за време на возењето им реков дека ќе добијат братучед кој ќе им го роди нивната вујна.

По прашањето од мојот петгодишен син „како се вика тој“ и „каде беше досега“, добив малку загрижена реакција од неговата седумгодишна сестра. „Мамо, дали вујко и вујна ќе нѐ сакаат најмногу на светот кога ќе го добијат своето бебе?“ Не бев подготвена за ова прашање.

„Па, пиле мое, ќе ве сакаат исто колку што ве сакаат и сега, но секој родител најмногу си го сака своето дете.“

„А зошто?“

„Затоа што, мила, тоа е нормално. Така природата уредила секој родител најмногу да го сака своето дете.“

(Боже, каков глупав одговор!)

„Мамо! Па ти значи нѐ сакаш затоа што мораш! Сега сум многу тажна…“

Остатокот од патувањето го поминав објаснувајќи дека не е така, дека погрешно сум се изразила.

„Добро, па зошто ме сакаш?“

„Па, мила, затоа што си МОЈА.“

Неколку дена подоцна, седев со една пријателка на кафе и ѝ кажав за овој настан. Ми кажа дека нејзината петнаесетгодишна ќерка не толку одамна ѝ поставила слично прашање – дали би ја сакала ако е крадец и криминалец? Одговорот беше – ДА. „Би го мразела тоа што го правиш, твоите постапки, но сепак би те сакала.“

Немојте да се залажувате, па некогаш на ова прашање да одговарите со: „Те сакам затоа што си толку добар/а“ или „Те сакам затоа што си паметен/а и благороден/а“, или „Те сакам затоа што си најубавата мамина принцеза.“

Бидејќи, што значи тоа за детето? Само едно. Да не бев благороден/а, добар/а и паметен/а, немаше да бидам ниту сакан/а. Но, детето не се сака поради тие работи. Не поради интелигенција, не поради убавина, не поради добрината. Детето се сака затоа што е наше, затоа што ние сме го донеле на свет (или сме го посвоиле), затоа што тоа е најголемиот подарок што го имаме. Баш каков што е.

Затоа, секогаш и без исклучок одговарајте на ова детско прашање:

„Те сакам затоа што си МОЈ/А. И тоа нема да се промени никогаш!“

Автор: А. Цвјетиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top