Воспитување

Мамо, единствено во твојата прегратка сум безбедна

Кога имав 6 години, бев на работ од животот и смртта. За да дознаат што се случува со мене, мораа да ми земат примерок од коскена срцевина. Мојата мајка беше со мене во тие моменти. Се сеќавам дека беше ноќ и дека светлата беа придушени. Двете седевме на креветот. „Полека земи воздух, полека издиши“, ми рече. „Така правев кога ти доаѓаше на овој свет.“

Се држевме за раце. Мојата малечка детска рака, а нејзините долги нежни прсти, како создадени за пијано. „Стегни ми ја раката, слободно“ – ми рече. Го вдишав тој нејзин мирис кој се обиде да ми го пренесе, а издишав болка. Лесно. Долгата игла ми влезе во ‘рбетот. Зјапав во долгите, убави прсти на мајка ми и златната бурма. „Вдиши полека…“ ме потсети мама со својот мирен глас. Нејзината бурма светеше на светлото, а прстите ѝ беа мирни, цврсто ги држеа моите. И тоа е сè на што денес се сеќавам.

Не се сеќавам на болка. Излеза дека имам опасна бактериска инфекција која се проширила и на срцето. А бидејќи сум родена со срцева маана, простор за оптимизам немало баш многу. Недела дена подоцна бев на интензивна нега. Тоа беше голема соба. Се чувствував како мојот кревет да е некој пуст остров, а собата голем океан. Собата во која престојуваа сестрите беше веднаш до мојата, но својот остров не можев да го напуштам. Една ноќ, машината која стоеше покрај мојот кревет почна да пишти забрзано и силно. Додека се будев, се сеќавам на флуоресцентно светло кое ме заслепи. Ми изгледапе дека пиштењето на машината станува посилно.

Мојата мајка долета преку океанот со ќебе. Ме покри со него и потоа се фрли врз мене. Иако, овој пат, не можеше да ми пренесе мир бидејќи во неа го немаше, ја вдишав. Таа беше сè што во тој момент ми требаше. Повторно, немаше болка. Сигурна сум дека во тие моменти мојата соба беше полна со сестри и доктори. Но, јас не се сеќавам. Не се сеќавам ниту на иглите кои сигурно ги забодувале во моето тело, ниту на докторите кои ја известувале мајка ми што се случува со мене. Се сеќавам само на мојата мајка и на тоа како таа ме спасила.

Мајките имаат моќ, магија со која на децата им ја олеснуваат болката и прават брзо да исчезне од нашите сеќавања. Како го прават тоа? Едноставно – со љубов.

Бидејќи мајките – тие се магија.


Автор: Ангела Анагост – Репке

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top