Децата често се жалат дека им е досадно, но тоа што им е досадно всушност може да им помогне да развиваат вештини, како креативноста и самодовербата во некои случаи. Како што објаснуваат психолозите, на децата им е потребна помош во смислувањето на работите што ќе ги прават во слободното време.
Без разлика на возраста на детето, корисно е да седнете и да разговарате за неговите интереси и страсти. Потоа можете да смислите листа со краткорочни и долгорочни проекти за кога ќе му биде досадно. Имено, на малите деца обично им е потребен избор на релативно кратки активности, кои може да подразбираат одење во парк, читање или цртање. Постарите деца можат да извршат и некои домашни работи, а овие активности ги учат децата на вештини кои придонесуваат за нивната организација и самодоверба.
Ако детето ја отфрли секоја идеја што ја имате за извршување на одредена активност, можеби само го сака вашето внимание. Сепак, препуштањето на ваквото барање на внимание создава маѓепсан круг, објаснуваат психолозите. Кога детето вели дека му е досадно, тоа може да значи многу работи. Можеби е гладно, бара внимание, можеби е љубопитно што прават неговите родители или бара нешто што ќе му го окупира времето.

Иако е многу важно да се разгледа нивното барање, психолозите советуваат дека треба да внимаваме на нашата моментална реакција. Имено, ако се откажеме од сè што правиме затоа што на детето му треба внимание, тоа никогаш нема да научи како да се забавува самостојно.
За да ги спречите поплаките, детскиот психолог Стефани Ли предлага да одвоите малку време и со вашето дете да направите листа со активности во кои тоа ужива, како и да смислите некои предизвици кои звучат забавно или, пак, некои долгорочни проекти. Во идеален случај, тоа ќе биде комбинација од вашите идеи и идеите на вашето дете. Таа вели дека можете да зборувате за работи во кои детето уживало во минатото, за нови работи што сака да ги научи и за начините како да ги користи работите што веќе ги има дома.