Начинот на кој лажат децата се менува со текот на времето

Децата лажат за разни работи. Од тоа кој ја скршил играчката, кој го зел последното колаче, па до тоа што правеле со другарчињата. За нивното лажење секогаш има причина. Еве зошто лажат, во кои ситуации лажат, како да ги научите да ја кажуваат вистината и кога, според експертите, е во ред детето да лаже.

Охрабрувајте ги да ја кажуваат вистината

Начинот на кој лажат децата се менува со текот на времето, велат експертите. Помалите деца лажат за да остварат некоја лична корист, но како што растат, така почнуваат да смислуваат лаги во кои луѓето лесно ќе поверуваат и кои се морално прифатливи. Научниците велат дека лажењето е нормална појава во детскиот развој и ако родителите ги охрабрат да бидат поотворени и да ја зборуваат вистината, тогаш децата ќе ја надраснат таа фаза.
Пени ван Берген и Керол Њуал, професорки од австралискиот Универзитет „Мекори“ во Сиднеј, објаснуваат што е тоа што ги наведува децата да лажат и како родителите да спречат лажењето да премине проблем. Тие велат дека е потребно на децата јасно да им се стави до знаење дека лажат и дека сте ги фатиле како лажат, но исто толку е важно и да ги охрабрите отворено да разговараат со вас, но притоа треба да избегнувате да поставувате конкретни правила или казни ако сакате да бидат што поискрени.
Децата најчесто почнуваат да лажат на претшколска возраст, односно од втората до петтата година од животот. Овие намерни криења на вистината можат да ги загрижат родителите, кои се плашат дека ќе продолжат да лажат и кога ќе пораснат.

Лагата како знак за развивање на „теоријата на умот“

Честопати лажењето е еден од првите знаци дека детето ја развило т.н. „теорија на умот“, односно ја развило свеста за тоа дека другите имаат различни желби, чувства и убедувања од неговите. Така, на пример, кога детето ќе излаже: „Тато ми дозволи да јадам сладолед“, тоа значи дека детето добро разбира дека вие сте против тоа да јаде сладолед и затоа таа своја свесност ја користи да ве измами.
Додека лажењето само по себе не е пожелно и не е општествено прифатено, способноста детето да знае што мислат и што чувствуваат другите е многу важна социјална вештина, велат професорките. Тоа е поврзано со емпатијата, со соработката со другите и со грижата за тоа дали другите можат да се вознемират поради нешто.

Како се менува лажењето со текот на годините

Првите лаги што ги кажуваат децата се повеќе смешни отколку ефикасни. Замислете го детето како со полна уста ве лаже дека не јадело колачиња или како го обвинува кучето за исчкртаниот ѕид… Тие мали деца знаат дека можат да ги измамат другите мали деца, но сè уште не им е развиено чувството да знаат како да ги излажат возрасните.
Пред осмата година од животот децата многу често се издаваат додека лажат бидејќи сè уште не умеат да го прават тоа ефикасно.
Во една од поновите студии децата на возраст од три до седум години требало да ги затворат очите и да не гледаат која играчка е поставена пред нив – диносаурусот Барни што сите го знаеле. Речиси сите ѕиркале и речиси сите лажеле дека не ѕиркале. И колку биле поголеми, толку повеќе лажеле. Но, исто така, имале и проблем да ја одржат таа лага.
Малите на возраст од три до пет години имале изненадувачки сериозен израз на лицето додека лажеле, но ги издало тоа што играчката ја опишувале користејќи го името Барни.

Бели лаги и морален развој

Како што растат децата и како што се развиваат нивните говорни способности, така стануваат сè поспособни да разберат какви лаги треба да кажат за другите да им поверуваат. Исто така, со текот на времето стануваат способни таа лага да ја прикријат и да ја одржат, а кај нив настапува и фазата на морален развој.
Помалите деца лажат за да остварат некоја лична придобивка, додека постарите деца се чувствуваат лошо поради тоа што лажат. Постарите деца и тинејџерите, исто така, се подобри и во разликувањето на разните видови лаги.
Т.н. бели лаги повеќе одговараат за нив и се помалку штетни од некои антисоцијални лаги.
Иако има многу малку веродостојни научни студии кои се однесуваат на застапеноста на лажењето кај различните возрасти, некои од нив покажуваат дека тинејџерите најчесто ги лажат родителите и наставниците, а најмногу лажат за она што го сметаат дека е нивна лична работа.
Една од тие студии покажа дека 82 отсто од тинејџерите во САД ги лажат родителите во врска со пари, алкохол, дрога, пријатели, љубовни врски, дружење…

Дали лажењето е причина за грижа

Ретко кога лажењето е причина за грижа кај децата. Всушност, и многу возрасни луѓе лажат – некогаш со добра, некогаш со лоша намера, некогаш за да заштитат некого или нечии чувства, а некогаш од злоба.
Експертите велат дека лажењето треба да ги загрижи родителите доколку се случува со други негативни појави – агресија, проблеми со прифаќањето авторитети и слично.
Уште една причина повеќе за родителите да бидат загрижени е ако лажењето се користи да се скријат некои ментални проблеми поради страв или срам. На пример, тинејџер или дете кое страда од анксиозност може да почне хронично да лаже за да ги избегне ситуациите од кои се плаши – одење во училиште, тестови, забави со пријатели… Во такви случаи најдобро е да се консултира стручно лице, психијатар или психолог

Лажењето е нормална фаза од развојот на детето

Лажењето кај децата е сосема нормална и вообичаена развојна фаза, но и важен знак дека се развиваат други когнитивни вештини, велат професорките Ван Берген и Њуал.
Доколку лажењето е константно и влијае врз способноста на детето нормално да функционира, тогаш треба да се консултира стручно лице за ментално здравје, велат тие.
Меѓутоа, во најголем број случаи лажењето е само еден од начините со кои децата се привикнуваат на социјалниот свет.
Отворените разговори што ги имате со детето за да го поттикнете да ја зборува вистината со текот на времето би требало да ја намалат динамиката на неговото лажење и да му помогнат да ја кажува вистината.

 



912

X