Двегодишните девојчиња можат да се соочат со депресија и анксиозност ако нивните мајки биле под стрес во текот на бременоста, предупредува нова германска студија.
Кога сме под стрес, расте производството на хормонот кортизол во телото, кој ја намалува поврзаноста меѓу мозочните клетки во регијата одговорна за емоции кај новороденчето. Намалената поврзаност меѓу мозочните клетки може кај малите девојчиња да предизвика ментални проблеми.
Интересно е што ова сепак не се однесува на момчињата, а тоа истражувачите го објаснуваат со тоа што жените, независно од возраста, се посклони да ги интернализираат своите емоции.
До овој наод истражувачите од Берлин стигнале така што го анализирале нивото на кортизол кај 70 бремени жени во текот на разни фази од бременоста. Две години подоцна мајките откриле колку често нивните деца биле тажни, осамени, загрижени, срамежливи, како се согласувале со другите лица и дали имале проблеми со спиењето.
Се установило дека колку повисоко било нивото на кортизол кај мајките во текот на бременоста, толку била поголема веројатноста девојчињата да бидат депресивни и анксиозни.