Хан Дестан првото патување го имал на 7 месеци. Најдалечна дестинација му е Куала Лумпур. Обожава да лета, ги сака аеродромите. Сака да истражува, да се подготвува за патување, да смислува нови места за посета. На прашањето кое му е најинтересно место што го посетил, вели Шумата на мајмуните

Хан Дестан е роден во Скопје, на 3 август 2017 година. Има 5 години, живее во Тетово и оди во градинка. Xан е дете кое сака да патува, да истражува нови работи, да поставува прашања за вселената и планетите и да се запознава со животни. Во својата мапа за патување досега има штиклирано 25 земји и над 30 града. Тука се Будимпешта (Унгарија), Ница, Кан, Бордо, Стразбур, Колмар, (Франција), Монте Карло (Монако), Амстердам (Холандија), Прага (Чeшка), Берлин (Германија), Призрен, Приштина, Јакова (Косово), Рим, Пиза, Болоња (Италија), Ватикан (Ватикан), Сараево (Босна и Херцеговина), Валета (Малта), Софија (Бугарија), Тирана, Драч (Албанија), Будва (Црна Гора), Солун (Грција), Куала Лумпур (Малезија), Бали (Индонезија), Сингапур (Сингапур), Дубаи (Обединети Арапски Емирати), Белград (Србија) Истанбул, Измир, Бурса, Чанаккале, Бодрум, Конија, Ескишехир, Кападокија (Турција), Лисабон (Португалија), Севилја, Барселона (Шпанија), Базел (Швајцарија), Тел Авив (Израел)… И, секако, неговата светска мапа допрва ќе расте.

Првото патување го имал на 7 месеци во Будимпешта, главниот град на Унгарија.

– Краткото растојание на летот ни беше тест за тоа како ќе го поднесе патувањето. Удобното патување, проследено без никаков проблем, нѐ поттикна за следните летови – вели неговиот татко Џенгиз Дестан.

Обожава да пробува регионални десерти

Хан ја обожава целата подготовка околу патувањето.

– Хан многу ја обожава подготовката пред патувањето. Да избира играчки кои ќе го придружуваат на патувањето, да купува грицки за на пат, да поминува време на аеродром, да ги гледа авионите низ прозорецот. Честопати прерано одиме на аеродром само за да му овозможиме да ја доживее таа возбуда. Хотелскиот живот, отворањето на собата со картичка и неколкуминутното скокање на хотелските кревети ни стана ритуал. На крајот од денот, неговото најголемо задоволство е јадењето регионални десерти и игри со карти во лобијата на хотелот – споделува неговиот татко.

Поради честите патувања, ги засакал авионите.

– Многу ги сака авионите, веќе има многу авиончиња играчки дома. Гледањето од прозорец во моментот на полетување на авионот му е најголемо задоволство, дури и да е во сон на долги летови, тој сака да го разбудиме во моментот на слетување за да го гледа спуштањето – раскажува Дестан.

Најдолг лет 13,5 часа

Најдалечна посетена дестинација му е Куала Лумпур, главниот град на Малезија, каде што патувале преку Дубаи, а патувањето траело 13,5 часа.

-Хан тогаш имаше 23 месеци и летот ни беше многу удобен. Многу му се допадна летот затоа што патувавме со огромниот двокатен авион на „Емирати“ А380. Како и целата забава за време на летот, гледање на омилените цртани филмови, детската храна, играчките, ќебињата, боенките и боичките што ги презентираа стјуардесите. Дури импресиониран од двокатниот авион, повеќе не ги сакаше другите авиони. По Куала Лумпур, тој не сакаше да се качи во авионот на „Ер Азија“ со кој летавме за Сингапур, кој лет беше проследен со невреме. Овој настан ни беше голем стрес во тој момент, а сега е во нашето минато како убав спомен на кој се сеќаваме. Уште еден незаборавен момент ни е кога сакаше да го донесе дома лавчето што го галеше во „Лав паркот“ во Истанбул. Еден период Хан беше опседнат со сината боја. Сакаше таксито и приватните возила што ги користиме во градот да бидат сини. Ги разгледувавме и опциите за боја кога користевме алатки како Grab – Uber. Ако возилото не беше сино, тоа ни создаваше тешкотии. Исто така, интересно е да се спомене дека Хан задолжително им се приклучува во перформансот на уличните уметници каде и да одиме. Интересно е што во Амстердам почна да танцува додека ги слушаше уличните уметници, па сите туристи што минуваа го гледаа и го фотографираа Хан, а не уметниците – раскажува Дестан.

Најинтересна му е Шумата на мајмуните

Местата што ги посетуваат ги одредуваат неколку месеци однапред, секако, според обврските на работа и условите за одмор.

– Обично му нудиме опции на Хан и тој одлучува. Заедно го гледавме Лисабон во документарец за патување. Праша дали можеме да одиме таму, да пливаме во океанот, па го договоривме Лисабон како план за летен одмор. Заедно ги реализираме сите планови. Должност на неговата мајка е да избере облека во бои погодни за градовите што ги одредивме претходно и областите што треба да се фотографираат. Местата со прекрасен поглед за посета, плоштади, музеи се моја работа. Со оваа мотивација, по работа одиме во кафулиња и правиме планови на хартиени тетратки, мапи, истражуваме за местото и се забавуваме. Разгледуваме фотографии од местата што ќе ги посетиме, како зоолошки градини, детски области, забавни паркови… Многу го радува кога ќе ги види во живо местата што претходно ги видел на фотографии и ја слушнал историјата од мене – споделува таткото на Хан.

Тој обожава да лета, а кога се вози во автомобил ужива да слуша гласна музика на задното седиште, да спие на долги патувања, да ги следи царинските процедури и да разгледува љубопитно низ прозорецот.

– Кога беше многу мал, му носевме количка. Беше многу поудобно и за него и за нас. Кога ќе се разбудеше, го земавме в раце, заедно ја истражувавме околината и правевме многу фотографии. Сега ги резервираме нашите хотели на места погодни за нашата маршрута, кога ќе почувствуваме знак на замор, се враќаме во хотелот и сите заедно одмораме – ни изјавува Дестан.

На прашањето кое му е најинтересно место што го посетил, ја потенцира Шумата на мајмуните.

Шумата на мајмуните (monkey forest) е шума на Бали. Гледањето, хранењето, галењето на мајмуните во нивното природно живеалиште и опкружувањето со стотици мајмуни е незаборавен спомен за него. Исто така, набљудувањето на балоните во Кападокија, Турција, во првите утрински часови, за кое неговиот заклучок беше дека местото е како бајка. Потоа тематскиот парк со базенот што го посетивме во Сингапур, пливањето покрај жицата, исто и галењето лавчиња во Лав парк (Aslan Park) во Истанбул се неговите најнезаборавни спомени – споделува таткото на Хан.

Целта е до 10 години да ја посети цела Европа

Поради лоша карма, не ги споделуваат следните места за дестинација, но тоа дефинитивно нема да биде Јапонија.

– Причината за ова е што кога го прашавме Хан: „Каде ќе нѐ однесеш ти кога ќе пораснеш и ќе ја земеш првата плата“, без двоумење рече Јапонија, дека ќе ни ги покаже снежните мајмуни што ги гледал во цртан филм. Си ветивме дека нема да одиме во Јапонија додека Хан не ја добие првата плата – раскажува Џенгиз.

Истанбул му е најомиленото место бидејќи ги разбира сите што зборуваат.

– Истанбул му е најомиленото место бидејќи ги разбира сите што зборуваат (затоа што мајчин јазик му е турски ). На второто место се Лисабон и Дубаи.
Кога станува збор за аеродроми, на прво место e аеродромот „Чанги“ во Сингапур, кој е незаборавен спомен за него бидејќи тој е многу голем и простран, како ботанички парк со водопад – вели таткото на Хан.

Ова петгодишно дете ги смести своите патувања во своите четири години живот поради рестрикциите за патување за време на ковид-пандемијата.

– Целта е до 10 години да ја посети цела Европа и до 16 години да стапне најмалку во една држава на сите континенти. Досега Хан патуваше со автомобил, минибус, автобус, воз, трамвај, метро, брод, траект, жичница и авион. Летањето со хеликоптер и падобран се меѓу неговите нови цели. Иако патувањето во вселената не ни е цел, на Хан тоа му е сон. Се надеваме дека еден ден ќе успее да го реализира овој сон – ни сподели таткото на Хан.

Фото: приватна архива



912

X