Се искачува заедно со братот и сестрата Бојан и Емилија, како и со неговата мајка Јасмина Трајковска, која вели дека целта ѝ е кај нив да го развие спортскиот дух и смислата за здрав живот.
Тој е толку мал, а станува голем планинар. Има само пет години, а половина живот веќе редовно планинари. Дејан Трајковски од Битола е пример за сите деца како треба уште од мали нозе да негуваат здрави навики и да ја сакаат природата. Тој неодамна самостојно го помина својот прв планинарски марш долг 18 километри од превојот Ѓавато кај Битола преку врвот Голем Камен- Пирамида на 1.656 метри надморска височина, па до селото Смилево. Ова е логичен редослед на успешните планински потфати ако се земе предвид дека со своите мали ножиња, но со голема мотивација има искачено неколку врвови во земјава, а лани самостојно се качи на Мусала, на планината Рила во Бугарија, кој со своите 2.925 метри е највисокиот врв на Балканот.
Сега брои часови и минути до новата авантура
– Може да се каже дека Дејан планинари половина од својот живот бидејќи веќе 2,5 години редовно учествува во планинарски потфати. Гледајќи ги возрасните, тој самиот покажа интерес да планинари со нив. На почетокот бевме скептични дали ќе може поради возраста. Но, направивме проба од Инфоцентарот на Пелистер по патеката која води преку Палиснопје до планинарскиот дом Копанки. На наше лично задоволство, првото планинарско искуство на Дејан беше апсолутно успешно бидејќи се искачи без никакви проблеми – раскажува неговата мајка Јасмина Трајковска, која исто така е активен планинар и се искачува заедно со нејзините три деца.
Уште по првото искачување Дејан ги почувствувал убавините на планината и буквално се вљубил во овој спорт. Секое следно искачување за него е броење часови и минути до новата планинарска акција.
Духот на планината гради здрави млади личности
– Целта ми е кај него да се развие спортскиот дух и смислата за здрав живот, што ќе му биде основа за правилен развој во иднина. Наша најважна задача е од децата да создадеме здрави личности со силно изградени морални квалитети, што е голем предизвик во времето во кое живееме. Убедена сум дека негувањето на здравиот живот и спортскиот дух создава хумани и несебични личности кои ќе бидат пример за другите и за заедницата како треба да се гради една млада личност, а духот на планината и нејзината моќ беспоговорно ни ја даваат таа шанса – во здраво тело, здрав дух – додава мајката на младиот планинар.
Во листата со негови успешни планинарски акции се впишани десетици искачувања на Пелистер, и тоа до Копанки, Јоргов Камен од повеќе страни, по патеката од селото Ротино до Голема Ливада, до Неолица од село Лавци, до водопадот над Нижеполе во летни и зимски услови – средно тешки патеки и многу други рекреативни тури во околината на Битола. Најголеми предизвици му биле освојувањето на Мусала во Бугарија, па на Големо Езеро (2.218 м.н.в.) преку Дебел Рид, двата потфати изведени во не баш добри временски услови. Се има искачено на Магаро (2.255 м.н.в.) највисокиот врв на Галичица, па до црквата „Св. Спас“ во селото Малоишта, до која води екстремно стрмна патека, потоа на врвот Кајмакчалан од грчка страна…
И сериозните потфати за него се како детска игра
– За едно дете е голем предизвик да се соочи со сето она што самата планина знае да го предизвика, а тоа се ненадејните промени на временските услови, каде што често се случува да се сменат четири годишни времиња во еден ден, од кои најголем непријател знаат да бидат ветерот и дождот. Меѓутоа, Дејан и тоа го сфати како детска игра и авантура, па не го исплашија ваквите временски промени – вели Јасмина.
Петгодишниот Дејан самостојно го изоде 12. Традиционален марш „Смилево 2023“, кој се одржа на 7 мај 2023 по повод Денот на македонската полиција. Иако ова му беше прв марш, не само што го изоде самостојно, туку дел од патеката и ја истрча.
– Ова беше негов прв планинарски марш и највозбудлив бидејќи го водеше идеjата да го посети споменикот на Даме Груев во селото Смилево, затоа што од мал е задоен со почит кон историските личности од нашето минато. Особено го почитува и сака историскиот лик на Даме Груев и имаше преголема желба да стигне таму, па маршот од 18 километри го изоде самостојно и без помош, а одреден дел од патеката ја трчаше со цел побрзо да стигне на целта – вели неговата мајка.
Цело семејство се членови на групата „‚‚Festina Lente – Побрзај полека“
Дејан има на кого да се угледа освен на својата мајка. Планината им има срасната при срце на неговиот 10-годишен брат Бојан и 12-годишната сестра Емилија, кои исто така не пропуштаат ниедна можност да планинарат. Тие се дел од тимот на планинарската група ‚‚Festina Lente – Побрзај полека“, која сѐ повеќе се афирмира и проширува со нови членови, а меѓу нив има и млади вљубеници во планината. Токму ова семејство е вистински пример за правилното насочување на децата кон здрави навики и хоби, а не слободното време да го минуваат со часови пред компјутер или на мобилен телефон.
Фото: Festina Lente – Побрзај Полека
912