Што ветуваат двете најголеми партии во Македонија и нивните партнери, како и дел од албанските партии за образованието?

Повисоки плати за наставниците, промена на учебниците и програмите, изградба на нови училишта, национални програма за двонасочно далечинско учење, европско образование со кое ќе се гордееме, градинки во државните институции, повеќе место во градинките… Со речиси исти предизборни ветувања за придобивање на гласачкото тело кое го засега образованието одат партиите и на овие парламентарни избори.
Ако исполнат барем половина од она што стои во нивните програми, навистина не мора да се грижиме за нашата иднина – децата!

Што ветуваат двете најголеми партии во Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните партнери, како и дел од албанските партии за образованието?

Скок на ПИСА, мотивирани наставници, ветува СДСМ

Програмата за парламентарните избори 2020 на СДСМ се вика „Можеме“. СДСМ ветува дека ќе ги поврзе сите основни училишта со ултрабрз интернет, ќе обезбеди интерактивни училници, дигитализација и трансформација на наставната програма. Целта е просечните постигнувања на учениците од нашата држава на ПИСА 2021 да се зголемат за минимум 10 поени во однос на средните постигнувања од 2018 година, стои во програмата. Во нивната програма потсетуваат и на сѐ што направиле за образованието во изминатите три години.
Тие најавуваат дека ќе организираат тестирања слични на ПИСА во секое полугодие и во секое училиште. Овие тестови ќе бидат анонимни и нема да влијаат врз оценките за учениците, ниту врз наставниците, но ќе им помогнат на училиштето и на педагошката служба да изработат конкретни мерки за подобрување на образованието во секое училиште.
Ветуваат дека ќе продолжат да инвестираат во мотивирани наставници.

„Платите ќе продолжат да растат, а ќе обезбедиме средства од државниот буџет за реализација на унапредувањето на наставниците. Платите ќе ја вреднуваат и надградбата на кадарот. Со новите правилници наставниците ќе имаат повисоки плати доколку имале обуки и стекнале нови компетенции“, пишува во програмата.

Учениците континуирано ќе изучуваат Информатика од 3. до 9. одделение како задолжителен предмет, кој ќе се изучува во центри за работа со компјутери во училиштата.
Оваа партија сака да воведе медиумска писменост во училиштата, задолжителни часови по хигиена во основното образование.

Ветуваат дека ќе воведат практична настава во средните стручни училишта, која учениците задолжително ќе ја спроведуваат во реалниот сектор.
Во буџетот на МОН и ФИТР ќе обезбедат програма за поддршка на продукција на видеоклипови како училишни материјали со содржини и теми од предметите, за што ќе можат да конкурираат сите наставници од основно и од средно образование.

„Целосно ќе го промениме системот на издавање учебници, кој создаде монополи, високи цени и можности за корупција. Образовните институции ќе се фокусираат на наставните програми и содржините, а не на јавни набавки и печатење. Ќе обезбедиме финансиска поддршка на ученици и нивни ментори за учество на меѓународни олимпијади и натпревари, а со закон ќе обезбедиме и парични награди за првите три освоени места. Ова веќе го започнавме преку Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР, каде што направивме посебна програма за поддршка на учеството на младите на натпревари и научни саеми“, пишува во програмата.

Најавуваат дека ќе креираат централна национална платформа со двонасочна комуникација. Ќе ја дефинираат и озаконат наставата од далечина како можно алтернативно решение за учење со примена на средствата за електронска комуникација без физичко присуство на чинителите.

СДСМ во својата изборна програма ветува нови 7.500 места за деца во градинките до 2023 година, градинки кои ќе бидат инклузивни и енергетски ефикасни, како и бесплатна градинка за сите деца од семејства со ниски приход.

Тие ветуваат континуирана обука на воспитниот кадар, како и ревизија на моделот на лиценцирање и релиценцирање на воспитувачите и негувателите. Истовремено, во секоја градинка ќе воведат и советувалиште за позитивно родителство.
„Ќе ги развиваме културните навики и потреби уште од најмала возраст преку имплементација на неформални образовни и развојни програми во градинките и училиштата развиени од педагози и професионалци од граѓанскиот сектор. Ќе организираме мобилни претстави за деца и млади во различни општини и региони“, пишува во нивната програма.

 „Еден клик“ – Национална дигитална платформа за далечинско учење, ветува ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во својата програма „Проект Обнова“ ветуваат дека квалитетното, модерно и ефикасно образование ќе биде стратешки приоритет на државата. Главни адути во програмата им се ветувања за зголемување на средствата за образование од 3,7% на 5% од БДП, запирање на одливот на работоспособни кадри, поврзување на стандардот на квалификации и пазарот на трудот со образовните програми, инфраструктурна изградба на образовниот систем, 5% годишно покачување на платата на наставниот кадар, зголемување на средствата што се одделуваат за наука на минимум 1% од БДП. Тие за секој проект напишале и колку средства ќе одвојат.

Во првата мерка што се однесува на зајакнување на инфраструктурата во образовниот систем е предвидена изградба и реконструкција на основни и средни училишта. Оваа партија ветува дека до 2022 година ќе имаме и централен електронски систем за интеграција на сите образовни институции и вмрежување со останатите образовни институции. Планиран е буџет од 35 милиони денари за „Еден клик“ – Национална дигитална платформа за далечинско е-учење. Во овој дел од програмата, преку реконструкција на средното училиште „8 Септември“ во Скопје, се предвидува создавање на простор за кариерен центар за наставници.

Во втората мерка се предвидени плановите за развој на основното и средното образование. Реформа на наставните планови и програми во основно и во средно образование, обезбедување на училиштата со дидактички, нагледни средства и техничка опрема потребна за реализација на модерна настава, реформа во средното стручно образование, комерцијализација на работата на средните стручни училишта се само дел од нив. Програмата предвидува и професионална ориентација од рана возраст. Ветувања има за растоварување на административните обврски на наставниците, со скратување на обемот на внесен материјал во Е-дневник, како и кариерно напредување на наставниците и признавање на различни степени на едукација.

За поттикнување на младите иноватори во основните и во средните училишта, ќе се организира Саем на иновации, како и формирање на паралелки во одредени средни училишта за специјализирано средно образование од областа на ИКТ до 2022 година.

Предвидена е и програма за зајакнување на воспитно-образовната дејност во основното и во средното образование преку воведување интерактивна програма за етика, морал, добро однесување, намалување на нетолерантноста,  вербалната агресија, врсничкото насилство, здравата животна средина,
како и за почитување на различностите и соодветно справување со проблеми и конфликти во животот, како и кампања за сексуално образование и репродуктивно здравје.
Се планира и отворање на интерактивен портал за тутори со бесплатни дополнителни часови за заинтересирани ученици, од страна на други успешни ученици и студенти, воведување на знаковен јазик и како наставен предмет во средните училишта од соодветни области.

ВМРО-ДПМНЕ најавува отворање на градинки во состав на државните институции, и тоа три во првата година, како и финансиска помош на приватни компании кои би сакале да го направат истото. Тие најавуваат и воведување видеонадзор во сите градинки заради зголемена безбедност на децата, како и поголема контрола и надзор над вработените во овие установи. Листите на чекање за упис планираат да ги испратат во историјата.

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со изградба на нови детски градинки со кои ќе ги зголемиме капацитетите. Бесплатни градинки за сите деца од семејства со минимални приходи, изградба и проширување на капацитетите на детските градинки посебно во населените места со зголемен наталитет во последните 5 години“, пишува во нивната програма.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ се планирани и сет мерки посветени на образованието на лицата со попреченост. Дел од нив се: зачленување на Македонија во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование, програма за поврзување на училиштата за лица со посебни потреби, пристапни студентски домови за лицата со попреченост, Е-читалница за лицата со оштетен вид, отворање реални компании во средните стручни специјални училишта на лица со попреченост, како и отворање Центар за подготовка на родителите и семејствата на лицата со попреченост за справување со тешкотиите и предизвиците во образованието на нивните деца и во општеството.

Задолжителен албански јазик за сите ученици до петто ветува ДУИ, диплома која ќе се прифаќа во ЕУ е приоритет за ДПА

Што најавуваат партиите од албанскиот блок кога е во прашање образованието? И тие одат на картата со предизборни ветувања за повисоки плати за наставниците, изградба на училишта итн.

ДУИ во својата програма најави задолжителен албански јазик за сите ученици од петто одделение. Во кампањата ветуваат минимална плата за наставниците од 600 евра, задолжително претшколско образование од 3-годишна возраст и стручно училиште во секоја општина.

ДПА приоритет ќе даде на хармонизацијата на законодавството на Македонија со она на земјите во ЕУ во полето на образованието, според реалните можности. Со ова ќе нема само да се овозможи зближување на нашиот образовен систем со европските стандарди, туку и диплома која ќе се прифаќа во ЕУ. Партијата ветува поквалитетна настава за децата од претшколска возраст, инфраструктура во градинките и училиштата според европски стандарди, основно образование кое ќе се темели на потребите и интересите на учениците, квалитетен наставен кадар кој ќе доаѓа од факултетите каде што се формира овој кадар. ДПА најавува програми за професионален развој на наставниците, а образовните политики во средното образование да се водат според анализи на пазарот на труд. Современи модели на настава со поширока употребата на технологијата, современи учебници кои навреме ќе стигнуваат до учениците, центри за развој на деца со посебни потреби на албански јазик.



912

X