Статистичарот Дончо Герасимовски направи анализа на природниот прираст на одредени општини во Македонија и на граѓани со македонско државјанство што живеат во странство

Во 2017 година во странски земји се родиле околу 5.000 бебиња на македонски државјани. Ако природниот прираст во одредени македонски општини е негативен, во странски земји е позитивен. На пример, во Маврово-Ростуше оваа година се родиле 50 деца, но македонските државјани од оваа општина што живеат во странство пријавиле дека им се родиле 133 деца. Во Пласница се родиле 40 бебиња, но во странски земји 70. Поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски, вели дека многу народ е иселен од Македонија. Природниот прираст во странските земји на наши државјани е 3.121, а во Македонија е 1.436. Повисок е за 1.685.
– 5.000 деца се родени надвор, а тоа не е мала бројка. Во 2017 година во странство се склучени 1.027 бракови во кои младоженецот е со македонско државјанство. Догодина може да очекуваме уште поголем број на новороденчиња на македонски државјани што ќе родат надвор – вели Герасимовски.

Најмногу деца се родиле во Швајцарија и во Италија

Тој направи анализа на природниот прираст на одредени општини во Македонија и природниот прираст на граѓани со македонско државјанство што живеат во странство. Вели дека е добро што располагаме со веродостојни податоци за наталитетот и морталитетот, кои се следат на два начина. Состојба по настан во земјава и состојби по настан во други земји во светот.
– Во земјава во 2017 година се живородени 21.754 деца, умрени се 20.318 лица. Природниот прираст изнесува само 1.436. Ова е бројката на зголемено население по природен пат. Ама важна е улогата на иселувањето. Важни се и податоците за нашите државјани кои се наоѓаат во други земји. Од година на година бројот на живородени деца на лица од одредени населени места кои се отселиле надвор се повисоки отколку во Македонија. Во 2017 година во други земји имаме дури 4.829 живородени деца на државјани на Република Македонија. Умрени се 708. Природниот прираст во странските земји на наши државјани е 3.121. Повисок е за 1.685 од Македонија – вели Герасимовски.
Лани најмногу живородени деца на македонски државјани има во:
Швајцарија – 1.426
Италија – 1.070
Германија – 900
Австрија – 386
Словенија – 149
Турција – 99
Белгија – 91
Франција – 64
Америка 60
Англија и Данска – 56
Шведска – 53
Меѓутоа, според Герасимовски, поинтересно е од кои општини во земјава се родителите на децата што се родиле во дијаспората.
Гостивар – 570 живородени деца во странство
Струга – 330
Тетово – 286
Кичево – 242
Врапчиште – 217
Желино – 193
Липково – 187
Боговиње – 172
Чаир – 134
Маврово-Ростуше – 133


Герасимовски вели дека се потребни длабински анализи на овие податоци од повеќе аспекти.
– Повеќе живородени деца се раѓаат во други земји отколку во одредени општини во земјава. На пример, во Ново Село, Маврово-Ростуше, Пласница, Центар Жупа. Таму имаме повеќе живородени деца надвор отколку во земјава. Општини кои имаат и негативен прираст тука, а позитивен во странски земји се Маврово, Македонска Каменица, Виница, Делчево, Свети Николе, Кочани. Ова се деца на отселени државјани на Македонија.

Живеат надвор, но се жители и на Македонија

Проблемот, според Герасимовски, е тоа што сите овие деца се прикажани во матичните книги како да се родени тука.
– Тоа е проблемот. Имаме ние 6 илјади и нешто природен прираст ако им веруваме на матичните книги. Инаку, нема земја во светот каде што не е покренато ова прашање. Сите прават напори да го решат. Во повеќето земји има тело формирано за демографија и популациона политика, некаде има посебни министерства. Бидејќи овие деца се запишани во матичните книги на родени во земјава, тука се јавуваат тие разлики во избирачкиот список. Сите овие деца по 18 години се стекнуваат со право на глас, а не живеат тука. Сите се со место на живеење надвор, но исто така се и жители на Струга, Гостивар итн. – вели Герасимовски.
Затоа, според него, нашите институции треба да се занимаваат со ова прашање и да преземат соодветни мерки и активности.
– Со овие иселувања се опфатени цели региони, како Источниот, Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, кои се со неповолна демографска состојба.
Но, Герасимовски потенцира дека многу внимателно треба да се читаат и да се анализираат сите бројки добиени од Статистика.
– Бројките не треба да служат за дневно политички препукувања, туку преку нив да ја насочуваме иднината. Се препорачува да нема масовно иселување од земјава, а ние не знаеме колку се иселени. А иселено е младо и работоспособно население. Не знаеме колку деца се заминати со своите родители во други земји, а се намалува бојот на учениците во школите. Не знаеме колку студенти се запишани во други земји на школување, колку високообразовни кадри се во други земји, а за нив државата вложила многу средства. Во земјава останува возрасно население кое навлегува во длабока демографска старост – вели Герасимовски.

Фото: Радован Вујовиќ

На крајот, кои се причините за иселувањето?
– Тоа е јасно, економскиот, социјалниот фактор, животните услови, потрага по подобар животен стандард, поголема плата, унапредување. Сето ова придонесува за намалување на наталитетот и зголемување на морталитетот. Со тоа се намалува бројот на населението по природен пат, како на ниво на држава така и на ниво на региони. Тоа доведува до нерамномерен регионален развој – дециден е Герасимовски.



912

X