Еден од дијагностичките критериуми за дислексија е нормална или натпросечна интелигенција. Токму поради тоа, овие деца развиваат компензаторни механизми кои им овозможуваат да ја маскираат состојбата на некој начин, вели д-р Aлександра Каровска-Ристовска од Институтот за дефектологија
Прв кирилски фонт за дислексија во Македонија изработи тимот на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Фонтот треба да им помогне на многу дислексични читачи, особено на најмалите, полесно да го надминат својот проблем. Буквите и бројките речиси еден месец се ставени на интернет-страницата на Филозофскиот факултет и можат бесплатно да се преземат.
Дислексија е тешкотија во читање, пишување, како и разбирање на прочитаното и напишаното.
Фонтот за дислексија е револуционерен фонт, специјално креиран за лицата со дислексија, вели д-р Aлександра Каровска-Ристовска од Институтот за дефектологија. Таа беше дел од тимот што го создаде DyslexicFZF, заедно со м-р Маја Филиповска, докторанд на Институтот.
Маја и Александра
– Тоа е првиот кирилски фонт за дислексија воопшто направен. Во процесот на креирање беа игнорирани сите основни типографски правила и стандарди, а како насоки беа земени читливоста и специфичните карактеристики на дислексијата. Во овој фонт секоја буква е уникатно оформена, со цел да се избегнат најчестите грешки при читањето кај лицата со дислексија – вели Каровска-Ристовска.
Како се осмислени знаците
„Сијаличката“ за идејата светнала на еден од состаноците на Комисијата за информациски и комуникациски технологии при Филозофскиот факултет. Присутните разговарале како содржините што се објавуваат на официјалната веб-страница да станат подостапни за студентите со различни видови попреченост, вклучувајќи ги и студентите со дислексија.
– Сакајќи да искористиме некој од веќе постојните фонтови за зголемување на читливоста на текстовите, сфативме дека оние што се користат се латински. Тогаш одлучивме дека е потребно да се изготви кирилски фонт – објаснува Филиповска.
Според неа, за изгледот на знаците од фонтот првенствено било потребно да се осмислат главните параметри што ќе ги содржат сите знаци. Покрај буквите, тоа се и броевите и интерпункцијата.
– За осмислувањето од значителна помош беше анализата на постојните фонтови, како Open Dyslexic и нивно поврзување со основните проблеми при читањето што ги имаат лицата со дислексија. Прво беа изготвени базичните параметри – задебелувања на буквите во основата, зголемување на просторот помеѓу буквите и соодветни искосувања. Следна фаза беше изработка на фонтот. Со вметнувањето на измените беше добиена конечната форма на знаците од фонтот Dyslexic FZF – раскажува Филиповска.
Целта е да се зголеми читливоста на текстот
Задебелувања во основата, зголемен простор меѓу буквите, искосувања… Со какви проблеми се соочуваат дислексичарите, како „гледаат“ кога зборовите се напишани со вообичаени, стандардни фонтови?
– Дислексичните читачи се послаби во однос на недислексичните при репродуцирањето комплексни визуелни фигури од меморијата; менталното ротирање на букви и објекти и идентификувањето на елементите што недостигаат во некоја слика (на пример: слика од врата на која недостига квака). За дислексичните читачи симболот треба да биде видлив подолго време за да го лоцираат на сликата, посебно кога е опкружен со слични симболи-дистрактори. Поради овие причини, печатениот текст за дислексичните лица изгледа заматено и се движи по страницата. Тие имаат тешкотии при правењето разлики меѓу слични букви. Овој фонт им овозможува да ги надминат овие тешкотии – вели Каровска-Ристовска.
Целта на фонтовите наменети за лицата со дислексија е да ја зголемат читливоста на текстовите. Во земјите што користат латинско писмо, лицата со дислексија ја имале оваа можност години наназад, вели Филиповска.
– Dyslexic FZF е достапен за бесплатно преземање. Сега и лицата со дислексија во Македонија ја имаат оваа можност. Така ќе им станат подостапни електронските содржини. Но, ако фонтот се користи и за печатење, тогаш поприфатлив за читање ќе биде и печатениот материјал. Сепак, мора да се истакне дека читливоста на еден текст не зависи исклучиво од фонтот што е користен, туку и од дополнителни критериуми – видот на хартијата на која се печати, бојата на заднината итн. За да се извлече максимумот од неговата намена, потребно е фонтот да се комбинира заедно со овие критериуми – вели Филиповска.
Проблемот во Македонија е голем
Дефектолозите во Македонија велат дека проблемот со дислексија во нашата земја е голем. Се случува деца да завршат средно училиште, а никој да не им дијагностицира дислексија, туку ги третираат како „проблематични ученици“.
Според Каровска-Ристовска, еден од дијагностичките критериуми за дислексија е нормална или натпросечна интелигенција.
– Токму поради тоа, овие лица развиваат компензаторни механизми кои им овозможуваат да ја маскираат состојбата на некој начин. Верувам дека овој фонт би ги намалил тешкотиите при читањето со кои се соочуваат овие ученици. DyslexicFZF е отворен фонт за сите што би имале бенефит од неговата употреба – вели таа.
На прашањето дали проблемите делумно би се решиле ако дислексичните ученици имаат учебници печатени со ваков, специјализиран фонт, Филиповска вели дека се потребни поекстензивни истражувања.
– Извесен период фонтот треба да се применува во училиштата. Групата што го изготви фонтот веќе ги планира овие активности. Резултатите од истражувањата правени во дел од училиштата што вовеле ваква новина, движејќи се во правец кон dyslexia friendly институции, покажуваат дека кај учениците било забележително подобрувањето во работењето на домашните задачи. Со оглед на тоа што текстуалните наставни содржини стануваат почитливи и учениците полесно ја разбираат прочитаната содржина, очекувано е да се подобрат и резултатите во училиштето – вели Филиповска.
Колку луѓе во светот имаат дислексија?
Каровска-Ристовска вели дека дислексија е најчестиот суптип на тешкотии во учењето и преваленцијата се движи од 5 до 10 отсто. Оваа состојба се јавува кај најмалку едно од 10 лица. Во светски рамки, дислексија имаат 700 милиони деца и возрасни.
– Сепак, бројот на лица со дислексија во една земја зависи од утврдените дијагностички критериуми и од ортографијата (систем од правила за пишување во еден јазик, н.з.). Се очекува дека процентот на лица со дислексија е помал во земји со стабилна ортографија, како што е случај со македонскиот јазик. Во нашата земја, за жал, сè уште не располагаме со конкретни податоци за бројот на лица со специфични тешкотии во учењето, вклучувајќи ги и лицата со дислексија – објаснува Каровска-Ристовска.
Првиот кирилски фонт за дислексија го изработи Комисијата за комуникациски и информациски технологии, чиј претседател е проф. д-р Војислав Саракински. Откако направиле опсежно истражување за карактеристиките што треба да ги има овој отворен фонт, во изработка бил вклучен типографот Ласко Џуровски. Готовиот фонт потоа бил претставен пред фокусна група сочинета од професионалци кои се занимаваат со оваа проблематика – професорките Орхидеја Шурбановска и Љубица Кардалеска и Дамјан Николовски од Здружението за дислексија „Ајнштајн“. Голема поддршка имаат и од деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев.
– Следните чекори на Комисијата вклучуваат едно поопсежно теренско истражување со лица со дислексија на различна возраст со цел да се процени брзината на читање во споредба со други често користени фонтови – објаснува Каровска-Ристовска.
912