Најголема поддршка на Ана ѝ е нејзиното семејство, но и пријателите и соучениците, кои секогаш имаат убави и мотивирачки зборови
„Мајкл Џексон би се поклонил пред перформансите и прекрасната изведба. Убива девојчево од ‘ОУ Гоце Делчев’. Послушајте“. Овој пост од видеоизведбата на полуматурантката Ана Петановска во паркче во скопско Тафталиџе предизвика лавина позитивни реакции на социјалните мрежи.
За Деца мк., Ана вели дека со нејзините соло-изведби освоила многу први награди на општински, градски и на државни натпревари во периодот од 2014 до 2018, а две години по ред со соученици освојува први места на Денот на Европа.
– Откако знам за себе, oбожавател сум на уметноста. Додека растев, а и сега сум опкружена со музичари во моето семејство и секако тоа е еден од темелите што ме доведоа дотука. Како помала, кога гледав Евровизија, пеев заедно со пејачите, играв како танчарите и танчарките. Си закачував футрола од телефон на панталончињата одзади за да го добијам тој „филинг“ како да сум на сцена и да пеам на безжичен микрофон. По некое време самодовербата растеше и се охрабрив посериозно да ја разберам музиката, да работам на пеењето. Желбата всушност сѐ уште расте – вели Ана.
На промотивниот настап на нејзиното основно училиште решила да настапи со песна од Мајкл Џексон. Вели дека не ги снима своите настапи, а ова видео, кое одушеви многу граѓани на социјалните мрежи, го снимил жител на Тафталиџе од околните згради каде што се одржала приредбата.
– Сосема случајно човек кој не го ни познавам беше толку воодушевен и снимал дел од мојот настап, и сега јавно му благодарам од срце бидејќи благодарение на него, не само што добивам толку позитивни коментари туку и ме охрабри уште повеќе да пеам – вели Петановска.
За своите настапи избира потешки песни кои ги истакнуваат нејзините вокални способности. Оди на часови по соло-пеење, но иако се запишала во гимназија, ќе продолжи професионално да работи на својот музички талент. Одлично свири и на гитара.
– Се запишав во општа гимназија, но истовремено ќе го надградувам и пеењето. Задоволна сум од досегашното образование, имаме сѐ, но убаво би било кога училиштата, како средните така и основните, би посветувале повеќе внимание на уметностите, развој на драмска, музичка секција или ликовните уметности – вели таа.
Најголема поддршка на Ана ѝ е нејзиното семејство, но и пријателите и соучениците, кои секогаш имаат убави и мотивирачки зборови.
912