„Сите зборуваат за стапката на наталитет, а мајките со деца немаат никакви права“, „Луѓето се расипани, никој не ме пушта преку ред, а јас сум со бебе“, „Сите ме гледаат попреку кога плаче моето дете, а тоа не може да чека на ред“… Ова се само дел од забелешките на мајките што чекаат во ред со своите мали деца или бебиња во продавници, пошти, банки… Повеќето луѓе ги поддржуваат, но постојат луѓе што го гледаат овој проблем од друг агол.
– Младите луѓе се невоспитани. Стојат во ред во супермаркетот за да купат гума за џвакање, цигари или сок, се прават како да не ја гледаат и слушаат мајката чие бебе плаче зад нив. Во мое време не беше така. Ги пропуштавме преку ред пензионерите, домаќинките со полни колички, а особено луѓето што пазаруваа со мали деца. Денес немаат срам. Сите се прават луди. И жени и мажи кои до вчера имаа мали деца и целата младина. Срамота – вели Ружица М.(63), која смета дека бремените жени и родителите со мали деца секогаш треба да имаат предност.
Да ви ја кажам вистината, повеќе не ги пропуштам мајките со деца. Секогаш ги пропуштав, дури и ги потсетував оние што го игнорираа бебето што плачеше, но годинава сфатив дека сум будала. Еден млад пар дојде со бебе пред супермаркетот. Бебето спиеше во количката, но мајката го зеде в раце и влезе во супермаркетот, а таткото остана надвор да гледа слики на „Инстаграм“. Детето почна да плаче, а таткото рече: „Супер, сите ќе те пуштат преку ред“, па мајката влезе во одделот за сувомесни производи и почна да ги превртува очите бидејќи продавачот бавно ја сечеше шунката, а потоа реагираше дека нејзиното бебе ќе смрзнело зашто било многу ладно. Па жено, ако вие и вашиот сопруг не се грижите за вашето дете, нема ни јас – не го сокрива гневот Милjaна (37).
Со неа се согласува и Драгана, која работи како фризерка. Таа мисли дека некои луѓе денес ги злоупотребуваат децата.
Кога работам попладне, мојата ќерка, која има три години, ја гледам само наутро кога ја носам во градинка и навечер кога ќе се вратам од работа. Во меѓувреме, брзам на пазарење, па дома да подготвам ручек, а потоа на работа. Ми се случувало да си одам од салонот во 19:30 премногу уморна бидејќи цел ден сум била на нозе, и да брзам до аптека за да купам лек за своето дете, а таму сосетката пензионер со мало дете в раце половина час избира некој додаток додека нејзиниот син и нејзината снаа стојат пред аптеката. Потоа излегува надвор, ѝ го подава детето на својата снаа, па таа влегува со него и преку ред купува крем за лице – раскажува Драгана.
Го познавам семејството, живее во соседството. Ја познавам оваа млада жена, таа не работи, мајка ѝ и свекрва ѝ ѝ помагаат со детето, цел ден го има на располагање да избира кремови, кога нема метеж, а потоа треба да ја пропуштам кога ми гори под нозете. Никому не му пишува на чело дали некој го чека дома, дали имаме мало дете, болни родители или дадилка која ја плаќаме на час. Тука се и продавачите кои постојано повторуваат: „Ајде вие со бебето, дојдете преку ред“ или „Мајките со деца имаат предност“.
Тажно е што со такво однесување луѓето ќе ги уништат и таа мала пристојност и сочувство што се останати во нас.