Дали го славите роденденот во истиот месец со вашата мајка? Ако е така, не сте сами. Овој феномен се јавува почесто од очекуваното, покажало новото истражување спроведено на милиони семејства.
Браќата и сестрите, исто така, често го делат месецот на раѓање, како и децата и татковците, покажува анализата на податоците собирани во период од 12 години, додека родителите, исто така, се родени во истиот месец почесто отколку што би се предвидувало.
Претходните истражувања покажале дека сезоната на раѓање на жените некако влијае врз сезоната на раѓање на нивните деца. Но, ова истражување, објавено во „Популациони студии“, е првото што покажало дека жените имаат поголема веројатност да имаат деца чиј роденден е во истиот месец како и нивниот.
Истражувачите од Шпанија и од САД анализирале официјални податоци за повеќе од 10 милиони раѓања. Ги набљудувале податоците за сите раѓања во Шпанија од 1980 до 1983 година и од 2016 до 2019 година, како и сите раѓања во Франција од 2000 до 2003 година и од 2010 до 2013 година. Записите го дале месецот на раѓање на детето, како и оние на нивните родители и братот или сестрата.
Раѓањата во одредена земја имаат тенденција да следат шема, при што повеќе бебиња се раѓаат во одредени периоди од годината отколку во други. Ова е познато во академската литература како сезонско раѓање.
Но, кога истражувачите ги поделиле податоците за раѓање во групи, врз основа на месецот на раѓање на мајките, раѓањата не го следеле очекуваниот модел. Наместо тоа, имало скок на јануарските раѓања кај мајките родени во јануари, скок на февруарските бебиња кај мајките родени во февруари и така натаму. Севкупно, имало 4,6% повеќе раѓања во кои мајката и детето го делеле истиот месец на раѓање, отколку што би се очекувало. Ова било точно за двете земји и за сите четири проучувани временски периоди.
Тоа било случај и со браќата и сестрите (имало 12,1% повеќе раѓања од очекуваното во кои браќа и сестри имале ист месец на раѓање), родители со ист месец на раѓање (4,4% повеќе раѓања) и кога детето било родено во ист месец со неговиот татко (2% повеќе раѓања).
Втората, помалку детална анализа на сите раѓања во Шпанија од 1980 до 2019 година и сите раѓања во Франција од 2000 до 2019 година го потврдила резултатот.
Феноменот најверојатно има свои корени во роднините кои споделуваат социо-демографски карактеристики: познато е дека луѓето со слично потекло се парат и имаат поголема веројатност да се породат во одредени периоди од годината, велат истражувачите д-р Адела Ресио Алкаиде, од Универзитетот „Алкала“ во Шпанија и професорката Луиза Н. Борел од Градскиот универзитет во Њујорк во САД.
Во Шпанија, на пример, жената со високо образование има поголема веројатност да се породи напролет отколку жена без високо образование. Ако има ќерка, покрај тоа што е поголема веројатноста да се роди напролет, оваа ќерка има поголема веројатност да има високо образование бидејќи и мајка ѝ го има. И така, кога оваа ќерка ќе има деца, поголема е веројатноста да ги добие напролет.
Односно, оваа ќерка ќе има поголема веројатност да има деца во истата сезона во која е родена бидејќи ги задржала семејните социо-демографски карактеристики – конкретно високото образование, што ја прави поголема веројатноста да се породи во одредено време, а тоа е пролет – и како резултат на тоа, сезоната, па дури и месецот на раѓање се пренесува меѓу генерациите.
Факторите што можат да влијаат врз биологијата на плодноста, како што се достапноста на храна и изложеноста на сончева светлина, исто така може да варираат во зависност од потеклото на една личност.
„Што би можело да предизвика поголеми шанси членовите на семејството да се родат во иста сезона? Се чини дека потенцијалните објаснувања се и социјални и биолошки“, вели д-р Адела Ресио Алкаиде, епидемиолог на Универзитетот „Алкала“.
„Бројот на деца родени во ист месец со татко и мајка се чини дека се должи на социјални или бихевиорални причини пред зачнувањето, кои се однесуваат на изборот на партнер роден во истиот месец, бидејќи тоа го забележавме со статистиката на бракот, со поголема веројатност сопружниците да се парат со некого од истиот месец“.

Според професорката Луиза Борел од Градскиот универзитет во Њујорк, ова можеби не е изненадувачко со оглед на тоа што партнерствата често ги формираат луѓе со слични социо-демографски карактеристики.
„Покрај тоа, биолошките фактори за кои е познато дека влијаат врз сезоната на раѓање – како што се изложувањето на фотопериодот, температурата, влажноста и достапноста на храната, исто така, зависат од социо-демографските карактеристики бидејќи различни општествени групи се изложени на овие биолошки фактори во различен степен“, вели професорката Борел, социјален епидемиолог на Одделот за епидемиологија и биостатистика од Факултетот за јавно здравје и здравствена политика, при Градскиот универзитет во Њујорк.
Предностите на студијата вклучуваат голем број раѓања вклучени во анализата и вклучувањето на податоци од различни децении и различни земји. Сепак, едно ограничување е тоа што анализата претпоставува независност на резултатите, но тоа можеби не е случај и, според тоа, зависноста од резултатите во семејствата може да влијае врз наодите. За да се приспособи на ова, тимот ги повторил своите анализи за да ја земе предвид зависноста на резултатите во семејствата и резултатите биле многу слични на оние што претходно биле презентирани.
Иако ова е ново откритие, потребни се дополнителни истражувања за да се потврдат и продлабочат резултатите и нивните импликации.
Како заклучок, авторите ја истакнуваат важноста дека врската помеѓу семејните карактеристики и месецот на раѓање се разгледува во секое идно истражување за тоа како месецот на раѓање на детето влијае врз неговото здравје, образовни и други резултати.