Сакам да ги запишувам моите мисли на хартија. Фигуративно кажано бидејќи обично ги пишувам на еден од екраните што ги имам на располагање. Моето пишување е поттикнато од глупави изјави што често ги слушам на игралиште или ги читам на социјалните мрежи, а има и туѓи мислења што никогаш не сум ги побарала. Зад мене е периодот кога нечии совети ја разнишуваа мојата самодоверба… но тоа што го пикаат носот кај што не му е место, сепак, многу ме нервира.
Се прашувате што ме ставило под притисок сега? Дали се тоа лалиња во убаво украсени кујни, напредни деца кои зборуваат три јазици на двегодишна возраст или нешто трето? Нешто трето. Тоа е една едноставна реченица која секоја вработена мајка ја има сретнато барем неколку пати во животот, а која гласи: „Сигурно едвај чекаш да се вратиш на работа за малку да се одмориш.“ Оваа изјава имаме можност да ја слушнеме во три наврати:
- Кон крајот на породилното отсуство;
- На боледување;
- Во самоизолација.
Изјавата често е проследена со „Спасени сте“. Или: „Да можам да одам на работа, би се спасил/а.“ Горенаведените коментари ги даваат мајките што не се вработени. Да се разбереме, јас лично немам ништо против жените што избрале да бидат домаќинки на одредено или неопределено време. Се разбира, кога тоа е исклучиво нивен избор, а не нечија принуда. Кога велам принуда, прво помислувам на општеството кое не е многу приспособено на мајките што работат (и политики и мерки кои воопшто не се согласни со семејните обврски), а дури тогаш мислам на брачен другар кој можеби ја принудува мајката да остане дома од x-причини. Во повеќето случаи тоа е патријархатот.
Мислам дека жените дома се чудесни и одлични – особено кога се грижат за мали деца. Ова е тема за која често пишуваат жените што не се вработени. Домашната работа, како и воспитно-образовната работа со децата, бара огромен напор, но не се гледа како на платената работа. Овде се раѓаат контроверзии, кавги и се кршат копја, како и во однос на доењето или адаптираното млеко. Споредбата не е случајна, нема погрешен избор со која било опција. Секоја жена треба да биде слободна сама да избере што е најдобро за неа. Исто така, ниту една жена не е робинка, а грижата за домаќинството и децата не е исклучиво женска работа.
Малку ќе генерализираме, па ќе кажеме вака: невработените мајки, намерно или случајно, мислат дека животот на вработените мајки е идеален. Прекраснотија. Остварен сон. Вработените мајки стануваат наутро, се облекуваат, пијат кафе на пат до работа со својот џип и стигнуваат до канцеларијата. Овде читаат некакви информации за рецепти и родителство, им викаат на колегите и упорно бараат некакво почитување на роковите. Одат на деловен ручек, купуваат ново палто или пар нови чевли попатно. Кога ќе завршат со работа, одат во градинка да ги земат децата, си играат малку дома и откако детето ќе заспие, гледаат „Нетфликс“ додека пијат скапо вино на каучот со супер згодниот сопруг кој е директор на нешто. Тетките се грижат за децата, роботите и чистачките се грижат за станот. Вработената мајка нема време за тие глупости. Денот ѝ е преполн со обврски за да може да го мие подот. Ќе плати некому. Ќе плати и англиски, информатика, фудбал и балет за децата. Нема ништо што не можете да го купите денес, нели?
Одрекување!
Како прво, за жал, не сите вработени мајки се вработени исклучиво од 8 до 16 часот, не сите вработени мајки заработуваат милиони и не сите мајки имаат флексибилно работно време. Малку ќе ве шокирам, но деловните жени често се среќаваат со еден феномен наречен „стаклен таван“. Изгуглајте го. Тоа е неможноста за вертикално напредување само затоа што се жени, затоа што постои можност утре да сакаат да имаат дете, а потоа да останат на боледување кога тоа дете ќе добие температура. Не сите жени се директори или претприемачи, а оние што се, крваво се бореле за своето место под сонцето (и не престануваат да се борат). Да не заборавиме дека госпоѓата што работи во вашиот дуќан под станот е и мајка на две мали деца. Работи и за празници, работи и во недела, работи во смени. Полицајката што ве застанала пред некој ден затоа што сте возеле пребрзо е исто така мајка како и докторката што ве прегледала, медицинската сестра што се грижела за вашите најблиски во одделот за ковид или госпоѓата обезбедувач што работи навечер во шопинг-центар. Од извршниот директор до чистачката, сите оние мајки го немаат животот што опишав претходно – саркастично. Одењето на работа за никоја од нив не е одмор.
Знаете зошто толку многу жени работат? Од потреба.
Се разбира, не е сè до парите, но обидете се да ставите љубов наместо телешко месо во тенџерето и кажете ми каков беше ручекот. Животот на вработената мајка е полн со предрасуди. Најчесто мајките се среќаваат со овие предрасуди кога се најранливи, на крајот од породилното отсуство, кога се враќаат на работа по долга пауза. Дали мислите дека ѝ е лесно на мајката да го остави своето бебе во креветчето или кај дадилката? Не ѝ е. И тогаш, во тој момент, кога таа мајка е на дното, наидува на реченицата: „Сигурно едвај чекаш да се вратиш на работа за малку да се одмориш.“ Да, сигурно.

Вработените мајки се одмараат на работа? Веројатно на работа медицинските сестри во болницата најмногу одмараат кога имаат два дена дежурства. Сигурно им е полесно отколку на невработена мајка. Тие два дена не го ни гледаат своето дете, не готват, не чистат. Идила. „Да, повторно сум груба и саркастична. Намерно. Да се биде вработена жена и мајка е многу тешко, психички и физички. Особено во општество каде што бројот на мажи кои се занимаваат со домашни работи, одат на боледување и родителско отсуство сè уште е премногу мал. Многу жени немаат поддршка од своите партнери дома и се задолжени за апсолутно сите домашни, родителски и мајчински + деловни обврски. Тие жонглираат помеѓу 100 различни улоги и само затоа што не можат да се жалат не значи дека не се уморни.
Работата е обврска, без разлика колку е добро платена. Работата е обврска дури и кога го сакате она што го работите.
Работата и мајчинството се една луда посветеност како дел од рингишпилот, каде што единственото нешто што го забавува тркалото е добрата организација. Знам дека ние, жените, сме како птицата феникс и дека со текот на времето доаѓаме до таа фаза „не ми е гајле за туѓото мислење“, но мојот совет (кој никој не ми го побара, но не е важно) е да научиме да си го гризнеме јазикот. Ова важи и за вработените и за невработените мајки. Никој не знае каква е другата страна.
Бидете внимателни со зборовите бидејќи тие болат повеќе од меч.
Среќно на сите и без осуда!
Автор: Елена Виан Пројиќ