Естер Војчицки е едукатор, новинарка и авторка на бестселерот „Како се одгледуваат успешни луѓе“.
Таа неодамна откри дека го знае одговорот на прашањето како да воспитате успешни деца. Вели дека благодарение на нејзините методи, им помогнала на своите деца да бидат успешни. Денес, нејзините три ќерки се директорки на успешни компании.
– Една од работите што никогаш не ги правев, а верувам дека токму тоа е причината поради која моите ќерки пораснаа во успешни возрасни луѓе, е тоа што отсекогаш сум била голем противник на таканареченото „хеликоптер-родителство“. Тоа значи дека никогаш не трчав по нив и не се обидов да ги заштитам од сѐ, им дозволив да учат од сопствените грешки и на тој начин да станат независни – вели Војчицки, која смета дека „хеликоптер-родителството“ е најголемиот проблем поради кој повеќето деца во зрелоста имаат проблеми со мотивацијата, кариерата и успехот во приватниот живот.
Што е „хеликоптер-родителство“?
Станува збор за посебен стил на воспитување заснован на контрола и прекумерна заштита на детето. Родителите што ги воспитуваат своите деца на овој начин се трудат да ги држат под контрола и да внимаваат на секој чекор за детето да не згреши. Самото име „хеликоптер“ всушност опишува родител кој постојано „лета“ над своите деца, не дозволувајќи им слобода, одговорност или независност во ниту една смисла.
Експертите често го опишуваат овој вид воспитување како крајно деструктивен и не им го препорачуваат на родителите, а Војчицки се согласува со нив.
– Како вашите деца ќе научат нешто ако постојано им дишете во вратот и не им дозволувате да се обидат, дури и ако не успеат? Во ред е понекогаш да се прават грешки, тие ќе се обидат повторно и ќе бидат подобри во сè што прават. Не тврдам со сигурност дека тоа е причината што моите деца се успешни, но знам дека верувајќи во нив и дозволувајќи им сами да грешат, барем делумно придонесов за тоа – додава таа.
912