Воспитување

Мајка ми на 40 години изгледаше како да ги знае одговорите на сите прашања. Јас, сепак, не

Имам 40 години. Добро – и трошка повеќе.

Се присетувам овие денови, каде била мајка ми и што правела во тие години. И го враќам филмот… Малку пред да наполни 40, ја реновираше куќата, наследена од родителите, со помош на стап и јаже, во средина на оној хаос во 90-тите години. Се бореше со инфлација, со магија што само таа ја знаеше. Кога имаше точно 40 години, јас заминав од дома, на студии. Ми изгледаше многу силна, стабилна. Возрасна и сериозна. Некој што ги знае одговорите на сите прашања. Дури и на оние непоставените.

Некој што умее да го реши секој проблем, од вадење дамки од маица до крајот на светот кога ќе те остави момчето или ќе те предаде пријателката. Некој што е секогаш тука, од ништо да создаде нешто, да исплете, извезе, сошие, зашие, да се снајде, да догради, изгради, направи, преправи, дотера, совлада, научи, замисли, осмисли…

Јас сега, во истите тие години, изгледам несигурна. Понекогаш и незрела. Се плашам дека би паднала ако некој се потпре на мене. Денес ја тешам мојата ќерка бидејќи нејзиниот најдобар другар се сели во Шведска и јас не знам што да ѝ кажам. Ете, не знам. Само ја нишам во прегратка, ѝ ја милувам косата и плачам со неа. Зборувам глупости, како во наше време писмата патувале 15 дена, па забораваш и дека си го испратила додека стигне одговор, зборувам сешто…

Се плашам, понекогаш, дека ќе ги разочарам моите деца… Не знам дури ни трикови за вадење дамки. Не знам совршено да пеглам кошула. Не сум вешта со иглата. Никогаш не сум замесила леб, вистински леб. Не ги знам одговорите на многу прашања, особено оние од хемија. И математика. А ни што да правиш кога луѓето ќе те изневерат.

Викам кога сум нервозна и се смеам до солзи со нив кога сум среќна. Денес ваква, утре таква, често никаква. А тие ме сакаат. И јас нив, тоа е единственото нешто што секогаш го знам.

Доволно ли е?

Автор: Марија Лечиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top