Како педијатар и мајка на мало дете, знам колку е тешко кога нашите деца се разболуваат. Сакаме секогаш да се здрави и да уживаат во своето детство, но некогаш се случува да настинат, да имаат висока температура и слично. Даваме сè од себе за да го зачуваме здравјето на нашите најмили, но некогаш настинката или грипот се тешки за справување. Со оглед на пандемијата, ковид-19 стана доминантна болест, а бројките на грипот се намалени, но сепак треба да се биде внимателен. Како да го зачувате здравјето на вашето дете и да се справувате со сезоната на настинки? Ова се неколку совети:
Хигиена
Најдобро е да се работи на превенција, што значи дека треба да ги научите децата на основите, а тоа е да мијат раце во неколку важни моменти: по играње, пред јадење, по користење на тоалетот и секојпат кога рацете им се очигледно валкани. Ова помага да се намали ширењето на болеста, а и да не се разболи детето. Кога кашлаат и киваат, учете ги да ја покриваат устата со лактот или со марамче кое потоа веднаш ќе го фрлат во канта за отпадоци.
Фокус на основите на имунолошкото здравје
Најдобро е добриот сон да ви биде приоритет, да јадете разновидна храна (овошје и зеленчук), да се обидувате да го намалите стресот и да вежбате редовно. Суплементите не е докажано дека даваат големи придобивки, па најдобро е природно да го зајакнувате имунитетот. Исто така, важно е да престојувате надвор колку што можете повеќе, на чист воздух и во природа.
Вакцинација
Некои луѓе мислат дека вакцините го влошуваат имунолошкиот систем, но научен факт е дека вакцините му помагаат на нашиот имунитет да се бори со лоши болести. Не ја одзема способноста на телото да се бори со други болести, напротив, ја зголемува. Вакцинирањето на детето против сите препорачани болести е и повеќе од важно, со цел да се искоренат одредени состојби и да се зачува јавното здравје.

Снабдете се со потребните производи
Кога вашето дете е болно, последното нешто што го сакате е да трчате во аптека во 2 часот по полноќ, а секако сте ненаспани. Снабдете се со основните работи што се потребни за настинки и болести: препарати за спречување кашлица, за намалување на температура, мед (исто така за кашлица), лекови за болка и слично.
Останете дома ако сте болни
Знам дека ова е најголема фрустрација, но кога децата се болни, или вие, најдобро е да се остане дома. Тоа е за заштита на вашето и на здравјето на сите околу вас. А и најдобро е детето да се одмори ако е болно за да си ја врати енергијата. Некогаш ги праќаме децата порано на училиште за да не изгубат многу од материјалот, но најважно е прво целосно да заздрават, а другото ќе се надомести. Најпаметно е детето да биде 24 часа без температура и со вратено расположение пред да почне повторно со секојдневните активности. Исто така, додека детето не закрепне целосно, одложете ги семејните собири и средби со пријатели, а во време на пандемија најдобро е да се носи маска. Така ќе се намали трансмисијата на вирусите и ќе имате здрава и безбедна зима, резервирана за празници и убави заеднички моменти.
Автор: Мона Амин