Сара Лапин го запишала својот петмесечен син на курс за пливање за бебиња. По тренингот седнала покрај работ на базенот да го дои синот, а потоа ѝ пришол спасител и ја замолил да го напушти базенот доколку сака да продолжи да дои.
„Моето дете плачеше и се вознемири, па почнав да го хранам. Но спасителот ме замоли да се оддалечам, забележувајќи дека тоа е едно од правилата. Знаејќи дека нема такво правило, продолжив да го дојам”, изјавила Сара за локалните британски медиуми.
Спасителот потоа свирнал и ја замолил да го напушти базенот.
„Се пожалив на менаџерот на базенот. Се чувствував понижено. Ова е мое петто дете и никогаш не сум сретнала вакво негативно однесување кон доилка. Бев мирна, но да бев млада мајка, приказната можеше да биде поинаква. Тоа се ситуации кои ја уништуваат довербата на мајките и ги обесхрабруваат да дојат на јавно место. Ова е доказ за недостигот на јавна поддршка“, смета Сара. Инцидентот се случил во Рил, Северен Велс. Доењето е дозволено на јавно место, но многу мајки мислат дека мора да се прикријат.
Компанијата одговорна за стопанисување со базенот се извинила за настанатата ситуација, но и го бранела спасителот.
„Ние не го забрануваме доењето во нашите објекти, но во оваа пригода тоа се одвиваше во вода. Многу е нејасно дали детето треба да се храни во вода или не, поради спротивставените ставови за здравствените ризици и зголемениот ризик од повраќање во базенот што би резултирало со затворање на базените. Затоа ќе прифатиме дополнителни упатства од здравствените работници и ќе ја приспособиме нашата политика и обука врз основа на советите што ги добиваме. Се извинуваме за секоја навреда што сето ова можело да ја предизвика“, рекле тие.