Ен Лепин е мајка на 3 деца која изградила кариера помагајќи им на луѓето во невозможни ситуации. Имено, таа привремено ги чува новороденчињата додека родителите одлучуваат за иднината на нивните семејства. Дали ќе го задржат бебето или ќе го дадат на посвојување?
Некои самохрани родители можеби сакаат да ги истражат сите опции што им се нудат, некои не се сигурни дали би биле добри во улогата на мајка или татко или едноставно не знаат што да очекуваат. За сите нив, непрофитната организација и агенција за посвојување „Спенс-Чепин“ нуди програма во чии рамки волонтери привремено се грижат за бебињата додека нивните биолошки родители не одлучат што ќе прават. Родителите кои остануваат законски старатели во текот на програмата може да ги посетуваат своите деца кога сакаат. Оваа организација, исто така, нуди и индивидуална поддршка и советување.
– Родителите што посвојуваат дете знаат дека бебето е на сигурно место, а биолошкиот татко и мајка знаат дека нивните малечки се во сертификуван дом – објаснила Ен. Таа веќе 6 години е во организацијата и волонтира како привремен родител. Досега се грижела за бебиња по неколку дена, а некогаш повеќе и од 9 недели. Кога ќе го остават новороденчето во организацијата, биолошките родители може да продолжат со советување за да ги истражат сите опции и да бидат мирни бидејќи знаат дека за нивното бебе добро се грижат волонтерите. Во оваа организација нагласуваат дека ниту една работа не е толку важна како што е давањето сигурност, стабилност, грижа и нега на детето.
Ен открила дека оваа програма му помогнала и на нејзиното семејство – нејзините деца ѝ помагаат околу новороденчињата и од мали нозе учат за родителството.
– Тие го обожаваат тоа. Менуваат пелени, ги држат бебињата во прегратка и може да прават неколку задачи истовремено, исто како родители – открила Ен. Таа многу сака да се грижи за бебињата и да им помага на нивните семејства. Со голема возбуда секое новороденче го испраќа кон неговата куќа и среќна е што може да им помогне и ним и на нивните родители во моментите на неизвесност.