Воспитување

Мајка: 5 начини на кои вештачката интелигенција ми помогна со советите за родителство

Вештачката интелигенција (ВИ) е нешто од што многумина донекаде се плашат, некои сè уште бегаат од тоа, додека некои целосно се препуштаат на уживањето во можностите што ги нуди. Речиси сè е променето поради вештачката интелигенција и речиси сите области од животот ги почувствувале придобивките и последиците од бескрајните можности на вештачката интелигенција, а и речиси секој се обидел да ја искористи во својата работа. Но, што е со родителството? Има толку многу прашања што ги мачат родителите секој ден, секој час. Секако, постои „Гугл“ и има безброј совети на интернет, но вештачката интелигенција веќе функционира така што добивате чувство како да разговарате со некоја личност. Овој метод може да биде корисен за родителите.

Сара Боланд, која ја развила „Бреда – ЧетГПТ“ апликацијата за родители, го споделила своето искуство за тоа како дошла до идеја да користи вештачка интелигенција за да ѝ помогне во родителството. Таа е мајка на две близначиња, а точно опишала како вештачката интелигенција ѝ помагала во секојдневните родителски „борби“.

Пет начини на кои алатките од вештачката интелигенција ми помагаат во родителството

Планирање оброци и списоци со намирници

-Ова беше задача за која ми беше драго што имам помош. Секоја недела се оптоварував обидувајќи се да смислам идеи за оброци за моето семејство, истовремено внимавајќи тие да бидат погодни за мали деца. Сега барам од вештачката интелигенција да ми презентира неделно мени кое е вегетаријанско, погодно за деца и вклучува листа со состојки кои веќе знам дека моите деца ги сакаат или толерираат. За неколку секунди ВИ ми дава план за неделата и список за купување на состојките што ми се потребни за тие оброци, па дури и ја категоризира листата за купување – рекла мајката.

Идеи за активности

-Се обидуваме да го минимизираме времето поминато пред екран во нашето домаќинство, но тоа значи многу планирање кога станува збор за активностите за забава. Сега барам креативни активности насочени кон моите мали деца, врз основа на предмети што веќе ги имам дома, без ограничување на тоа колку идеи можам да генерирам. Можете, исто така, да бидете конкретни со активности во затворен или надворешен простор, за возрасната група кон која е насочена активноста, за да добиете нешто што најдобро функционира за вас – вели Сара.

Совети за нежно родителство

-Кога имате намера да бидете нежен родител, но понекогаш не знаете што да кажете, особено кога вашето дете има излив на бес, убаво е да можете да ѝ ја кажете на ВИ специфичната ситуација во која се наоѓате и да побарате да ви даде насоки за нежно родителство кои ќе придонесат за добивање на посакуваниот резултат. На пример, моето дете неодамна се налути откако реков дека не може да јаде бонбони пред вечера. Се свртев кон „Бреда“.

Јас: Дај ми пример за нежно родителство за многу специфична ситуација низ која поминувам. Моето дете се лути откако одбив да му дадам бонбони.

Бреда: Разбирам дека справувањето со бесот може да биде предизвикувачки дел од родителството, особено кога се обидувате да следите одредени правила. Во овие моменти од клучно значење е да останете смирени и да покажете емпатија. Еве една комуникација што можете да ја користите:

-[Името на детето], разбирам дека си вознемирен затоа што навистина ја сакаше таа бонбона, нели? Во ред е да се чувствуваш вознемирено. Понекогаш се честиме со слатки, но не сега. Ајде прво да вечераме, а можеби подоцна ќе се почестиме. А дали ќе ми помогнеш да подготвам вечера? Би сакал заедно да го направиме тоа?

Запомнете, вашиот пристап треба да биде насочување, а не контрола. Дајте ми до знаење дали на вашето дете му споменавте некои правила за тоа дека не треба да јаде слатки работи пред вечера. Можам соодветно да ја приспсобам оваа комуникација.

Бидејќи така постапував и претходно во слични ситуации, ѝ го кажав тоа на „Бреда“, на што ми одговори:

-Разбирам, благодарам што ме извести. Се чини дека одлично ви оди разбирањето и трпението, додека ги следите правилата. Ајде да пробаме поинаков пристап. Можеби внесувањето малку имагинација ќе помогне во управувањето со ситуацијата. Еве уште една комуникација за вас:

-[Името на детето], можам да видам колку ја сакаш таа бонбона и многу си вознемирен што ја немаш сега. Ајде да играме „преправање“ за момент. Да замислиме дека бонбоната има дремка, затоа што ѝ треба одмор за да биде подготвена. Исто така, прво треба да вечераме, за потоа нашите стомаци да бидат подготвени за слатки задоволства. што велиш за тоа?

Вашата работа не е да ги елиминирате вознемирени чувства на децата, туку да ги потврдите, да обезбедите уверување и да моделирате мирно однесување за време на стресен момент – одговорила „Бреда“.

Понекогаш не го користам токму она што го препорачува ВИ, но го менувам имајќи го на ум моето дете. Така, во оваа ситуација му реков на моето дете:

-Ајде да се преправаме дека бонбоната е исто така гладна и сака вечера. Дали треба да ја нахраниме и твојата бонбона со вечера додека јадеш и ти?

Управување со финансии

Буџетирањето е една од работите кои најмногу ги мразам, така што ова е уште една задача за која ми е драго што имам брза помош. Еве едно сценарио со кое можете да ѝ го претставите овој проблем на вештачката интелигенција:

-Се борам да преживеам и ништо не ми оди од рака. Помогни ми со поставување едно по едно прашање за мојата потрошувачка.

Водење дневник

-Отсекогаш сум слушала за придобивките од практикувањето на благодарност и водењето дневник, но ако никогаш претходно не сте го направиле тоа, може да биде тешко да знаете од каде да започнете. Навистина е интересно да се види како вештачката интелигенција може да разговара со вас, да управува со вашите мисли и чувства и да ви помогне да најдете рамнотежа во мајчинството, токму во дадениот момент од вашето родителско патување. Знам дека нема да можам да се обратам до вештачката интелигенција за секоја родителска ситуација, но убаво е да се знае дека имам ресурс буквално на дофат на рака што може да ме води низ сѐ што ќе ми се најде на патот – заклучила мајката.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top