– Каде си, мамо? Дали се загина? – викна мојата 4-годишна ќерка од дворот. Јас седев зад едно растение, вадејќи ја тревата, така што таа не можеше да ме види. За неа, јас бев километри оддалечена, изгубена во дивината.
– Немој да се изгубиш, мамо – рече таа.
Имам две деца, син и ќерка, кои сега се тинејџери. Првпат станав мајка во јуни 2000 година. Имав 33 години и мислев дека сум емотивно доволно зрела за да не се изгубам себеси и мојата тешко заработена независност. Им кажав на пријателите и на колегите дека ќе излегуваме и дека ќе продолжиме како ништо да не се променило, единствено што ќе имаме малечко човече што ќе нѐ забавува или ќе биде дома со тато или дадилка.
Но, откако се роди, сѐ беше поинаку. Сѐ што сакав е да зјапам во него. Не ја напуштив куќата цели 10 дена. Бев чудно среќна во тие локви од течности – мајчино млеко, пот и солзи. Обожавав што сум мајка.
Во 2004 година го родив и второто дете, нашата ќерка. И понатаму го прифатив мајчинството, додавајќи модификатори кои станаа мојот нов идентитет: јас сум мајка на две деца што ги образова децата дома и хонорарец. Јас сум мајка што дои. Јас сум мајка што дома се породи. Мајка-будист. Мајка вегетаријанец што не сака брза храна, пластични играчки, време пред екранот и сѐ што е мејнстрим.
Имаше моменти кога ги прегрнував моите нови придавки многу посилно од моите бебиња – можеби затоа што ми бегаше личноста што некогаш бев. Сѐ беше лизгаво.
Како нови мајки, ние прогласуваме дека нема да се откажеме од кариерите/сексуалниот живот/независноста/идентитетот само затоа што имаме бебе. Не сакаме да го изгубиме она што го имавме пред бебето. Затоа, влегуваме силно. Потоа, полека учиме дека мајчинството е немилосрдна грижа кон другите, освен кон себе. Промена на пелената во 2 часот, непроспиени ноќи, температури, исип. Јадење, јадење, јадење. Ручеци и вечери, смути и шопинг. Различни обврски, капење и книги. Местење на креветите, расчистување, бришење задници и носиња. Кој се грижи за мајката? Ние сигурно немаме енергија да се грижиме за себе.
Сами на себе си кажуваме: – Ќе биде полесно кога ќе бидат поголеми.
Сакаме да бидеме добри мајки, да успееме, сето тоа да го сториме правилно за да подигнеме кули за нашиот нов идентитет. Се стремиме да бидеме подобри отколку што бевме пред да станеме мајки, подобри од нашите сопствени мајки, но повторно и повторно не успеваме, подлегнувајќи на секојдневните мелења од нормалноста.
Кога моите деца беа помали, дома ги школував истовремено работејќи на долги хонорарни ноќни смени додека спиеја. Ова значи дека поминував многу време со децата. И тоа го обожавав, но истовремено ме влечеше надолу. Копнеев по време само за себе. Сакав да бидам јас повторно. Сакав време за себе за да се почувствувам себеси, да размислувам со сопствени мисли, да чувствувам сопствени чувства, а не чувствата на моите деца. Истовремено не сакав да бидам никој друг и ништо друго. Само сакав да бидам мајка. Тие беа мојот живот, моето сѐ. Бев многу збунета.
Бев заглавена во криза на идентитетот: копнеев по „старата јас“, а истовремено не можев да се сетам која е таа. Ниту пак знаев која е новата јас.
Барајќи одговори, почнав да медитирам и да учам повеќе за будистичкиот концепт на интервенирање – дека сите работи се меѓусебно поврзани.
Мојот сопруг и моите деца страдаа бидејќи јас бев мизерна. Морав да додадам малку среќа во нашата семејна средина и морав да почнам од себе. Се запишав на курс за цртање на колеџ. Почнав да пешачам неколку дена во неделата и се обврзав да медитирам повеќе и да започнам со јога-часови. Се поставив себеси како приоритет и ја вратив врската со себе. Продлабочувањето на моите интереси надвор од домот беше чин на инклузивност за сите мои различни личности. Сите верзии од мене беа добредојдени и поддржани. Мојата среќа му донесе радост на целото семејство.
Давав отпор на мајчинството и се обидував да избегам од него за да се пронајдам себеси. Но, не требаше да избегам од моите деца или да избегам од мојата улога како мајка за да ја решам кризата на идентитетот. Морав да ги прифатам моите деца и мојата улога како мајка – нашата меѓусебна поврзаност, многу подлабоко. Да дозволам да влезе сето тоа, но не за сметка на мојата среќа.
Она што требаше да го направам беше едноставно, но не беше лесно.
Работев на промена на размислувањето – од „заглавена со децата“ во „избирам да бидам со децата“. Кога деновите беа долги и тешки, ја менував мантрата од „не можам да го направам ова“ во „можам да го направам ова“.
Не можете да го одделите детето од мајката, ниту мајката од детето. Без мајката, детето не би постоело. Без детето, мајката не би постоела. Ако се изгубиме себеси, нашите деца ќе нѐ изгубат нас.
– Мамо! Те викав, а не дојде. Каде беше? – викна мојата 14-годишна ќерка.
– Немој да се изгубиш, мамо – одекнуваат зборовите во моето сеќавање.
Се изгубив.
Се изгубив себеси во необјаснивата нежна љубов кон моите деца.
И кога се изгубив, се пронајдов себеси.
Автор: Лесли Дејвис