Ова семејство веќе инспирира и други вљубеници во патувањата, особено странци, кои им пишуваат на нивниот блог A Family on the Road и им бараат предлози каде да се помине викенд

Има ли поголема радост за родител од тоа да дели заедничка страст со своето семејство, а особено со своите деца? Фотографката Маја Аргакиjева е инспиративна личност, која прво зрачи со ведрина секогаш кога ќе ја видите и со таква емоција им пристапува и на предизвиците од секаков вид.
Маја ужива да патува на интересни места со својот сопруг Драган и ќерките Каја и Веда, а од пред нецела година своите неповторливи искуства ги споделува и со читателите на нивниот блог A Family on the road.

Фотографијата е нејзина љубов од средношколските денови. Вели дека веројатно од порано ѝ била страст, ама најмногу се освестила за ова хоби кога почнала да фотографира со стариот апарат „зенит“ на татко ѝ. Тоа било љубов на прв поглед. Таа сакала да студира фотографија, ама, сепак, изборот паднал на Правниот факултет во Скопје.

– Го завршив факултетот, се вработив во маркетинг-агенција каде што работев десет години. Во меѓувреме, купив камера DCLR и цело време фотографирав сè и сешто и сонував за тоа како еден ден ќе работам како фотограф. Кога се родија децата, во 2011 год., повеќе не се пронаоѓав во работата што ја работев, собрав храброст, ја напуштив и почнав да фотографирам дечиња и бебиња. Бев меѓу првите во Македонија што го работеа тој тип на фотографија. Уживав во работата со бебињата во следните 5 години, но во еден момент почна да ми станува повеќе товар отколку задоволство, па решив да престанам. Последниве две години фотографирам за Филхармонија, а покрај тоа фотографирам и разни промоции и засега уживам во тоа што го работам. Паралелно со тоа фотографирам и за нашиот блог – вели Аргакијева.

Во посета на Св.Наум

Сосема природно им дошла идејата за блогот. Маја вели: „Често патуваме, планинариме, јас секогаш носам фотоапарат со мене, Драган снима, па решивме тие фотографии и видеа да ги ставиме на едно место и да напишеме понекој ред за местата што ги посетуваме“.

– Драган е многу поангажиран со блогот, тој ги пишува текстовите, вметнува фотографии, мапи, видеа и сл. Моја работа на блогот е само да ги средам фотографиите и да му ги испратам – вели Аргакиjева.
Ова семејство веќе инспирира други вљубеници во патувањата, кои им пишуваат и бараат предлози каде да се помине викенд.

Прошетка на Шар Планина

– Да, често ни пишуваат на е-пошта преку блогот, најчесто странци. Последно пред еден месец ни пиша семејство од Англија кое сакаше да оди на Шар Планина и да ја направи маршрутата што ја видело на нашиот блог – се радува Маја.

Осумгодишните близначки Каја и Веда веќе снимаат видеа од патувањата. Од неодамна имаат и јутјуб-канал и таму се изразуваат за тоа како тие ги доживуваат местата што ги посетиле со мама и тато.
– Се радуваат кога ги гледаат видеата од патувањата. Им отворивме јутјуб-канал и почнаа сами да прават видеа, за тоа како тие го доживуваат местото што сме го посетиле. Каја и Веда се радуваат каде и да преспиеме. Летово првпат спиеја во шатор, бевме на диво кампување со драги пријатели на плажата Иракли, на Црно Море, Бугарија. Супер си поминавме, децата беа фасцинирани од логорскиот оган и од храната – вели Аргакијева.

Каја и Веда пред „Македониум“

Таа споделува дека децата секогаш ја изненадуваат со разни мудрости што ги кажуваат. Аргакијева е категорична дека како родители многу често сме понесени од секојдневните обврски и забораваме дека децата се личности и се посебни во секоја смисла на зборот.
– Единствено нешто што децата бараат од нас е да им посветиме малку од нашето време. Време кога сакаат да влеземе во нивниот свет. А тој свет е чудесен, таму јадеме највкусни торти направени од пластелин, зборуваме за светот, животот, луѓето, животните, самовилите и вештерките. Кога сме во природа, уживаат да истражуваат тревки, бубачки, цвеќенца. Ме враќаат во детството, кога бев фасцинирана од „малиот“ свет околу мене, а кој во меѓувреме, како што растев, сè помалку го забележував – вели таа.

Заедно со сопругот Драган често патувале и пред да се родат децата. Таа љубов им ја пренеле и на нивните девојчиња.
– Уште како двемесечни бебиња ги качувавме на Водно, а на 2 и пол години тие самите првпат се качија до врв на Водно. Оттогаш често одиме заедно на планини и правиме разни тури, посетуваме познати и помалку познати дестинации. Македонија е преубава, на толку мала територија има толку многу убави работи да се видат. Ние се обидуваме да ги откриеме тие места и уживаме да истражуваме кога сме таму. Оваа година ги откривме Топли Вирови на реката Дошница, во Демир Капија. Прекрасни базени со топла вода, сместени меѓу карпи – вели фотографката.

Беловиште, Гостиварско

Кога човек патува, нормално е да му се случуваат интересни, непредвидливи работи. Случките се паметат цел живот. Ја замоливме Маја да ни раскаже анегдота од некое од патувањата.
– Ги има многу, ама во моментов ми текнува на случката кога бевме кај мостот Елен скок. Беше некаде пред стемнување, се симнавме долу покрај реката да направиме некоја фотографија, поседовме кратко и се качивме пак горе на мостот за да одиме накај автомобилот. Кај мостот сретнавме едно семејство од локалните села и ни кажаа дека на местото каде што бевме, 10 минути претходно, поминала мечка. Бевме среќни што ја избегнавме средбата.

Уживање во Галичник

Забавно на дрвениот мост во с. Кожле

Возење кајак на Матка

Од посетата на Малта

Летни лудории во Несебар

Несебар

Во посета на градините на Сан Антон, Малта

Покрај преубавиот Св. Наум

Покрај топлите води на реката Дошница

Водно-Матка



912

X