Здравје

Магнезиумот и бременоста – што може да се случи при дефицит

Магнезиумот, често нарекуван „најженскиот елемент“, e еден од најценетите микроелементи  во време на бременост, одговорен за растот и развојот на плодот во сите негови етапи. Доволните количини во организмот можат да го направат износувањето на бременоста полесно, а од друга страна, неговиот дефицит може да доведе до тешка бременост со последици врз здравјето на мајката и бебето.

Една од основните улоги во бременост е врз мускулите, од една страна, кај мајката ги намалува спазмите и болките од натоварувањето на мускулите во цело тело, кои се прилично и сериозно натоварени во понапредната бременост. Од него зависи работата на нервниот систем бидејќи тој има функција на посредник помеѓу нервите и мускулите и ги пренесува импулсите меѓу нив, така што тој го олеснува виткањето и опуштањето на мускулите при движењето на трудниците и помага за правилно градење на мускулниот скелет кај бебето.

Од друга страна, тој е елемент кој влијае врз интензитетот и силата на контракциите кон крајот на бременоста.

Магнезиумот, исто така, помага во градењето здрави коски и заби, го регулиран нивото на инсулин во крвта и нивоата на гликемија во крвта и им помага на низа ензими во нивната функција. Ефект има во правилното функционирање на дигестивниот тракт со пониско ниво на констипација и помош при исфрлување на непотребните материи.

Спокојството на мајката зависи од количините на магнезиум во организмот, од една страна, регулирајќи го крвниот притисок, намалувајќи ги главоболките и гадењето, а од друга, намалувајќи ги стресот и несоницата. Затоа се вели дека новородените деца со добар и спокоен сон им го должат тоа на мајките што примале доволни количини магнезиум во бременоста.

Кои се први знаци за недостиг на магнезиум?

Еден од првите симптоми се мускулните спазми и болки во стомакот, понекогаш може и да се почувствуваат како мускулни фасцикулации на вратот, рамената и грбот, главоболка, гадење, треперење, срцебиење или аритмија, тешко заспивање, неспокоен сон, исцрпеност и општо нерасположение.

Што може да се случи при негов дефицит?

Неговиот дефицит може да биде причина за спонтан аборт или за предвремено породување, висок ризик од прееклампсија во бременост (состојба опасна како за мајката така и за бебето), проблеми со растот на плодот (недоволно развиени мускули и органи, ниска тежина и др.).

Затоа, при такви опасности се додава магнезиум како суплемент, а кај тежок дефицит дури и како парентерална терапија со магнезиум сулфат.

Овој минерал не се произведува сам од човечкиот организам, туку се внесува единствено преку храната или како суплемент.

Го има во многу продукти што ги консумираме, а меѓу нив се темнолистестиот зеленчук, зрнестите плодови, семињата, полнозрнестите храни, темното чоколадо (најпосакуваното искушение во бременоста), а се препорачува и консумација на риба како извор и на важните омега-3 масни киселини.

Треба да се напомене дека и при балансирано дневно мени може да дојде до дефицит, па затоа е добро да се комбинира со суплементи.

Нормата на магнезиум во крвта на жените кои не се бремени или доилки е 0,66-0,99 ммол/л.

Бремените и доилките имаат повисоки потреби од магнезиум. Со напредување на бременоста тие се покачуваат, а причината е во тоа што хормонот естроген води до зголемено исфрлање на минералот преку урината, приближно со 25 %,така што нормата кај нив е 0,8-1,05 ммол/л.

Препораките за дополнителен внес на магнезиум за сите идни мајки се:

-под 18 год. – 400 мг/ден, меѓу 19 и 30 год. – 350 мг/ден, над 31 год. – 360 мг/ден,

а за доилки под 18 год. – 360 мг/ден, меѓу 19 и 30 год. – 310 мг/ден, над 31 год. – 320 мг/ден.

Уште нешто за жената

На жените им се препорачува да земаат суплемент со магнезиум не само во време на бременост и доење, туку и кога примаат орална контрацептивна терапија или страдаат од предменструален синдром со силни болки. Контрацептивите значително ги зголемуваат потребите на организмот од магнезиум, а при болки во стомакот за време на менструален циклус магнезиумот има релаксирачко дејство.

Магнезиумот е важен во регулирањето на водниот баланс во организмот, а неговиот недостиг може да доведе до задршка на вода, што е чест проблем во менопауза.

Тој ја регулира и телесната температура и жените со недостиг на магнезиум се почувствителни на студ.

Автор: д-р Афродита Стомнароска-Јованоски, гинеколог-акушер во „Ре-медика“

Поврзани написи

To top