Не е тајна дека мајките и татковците не доживуваат сè на ист начин. Всушност, тие доживуваат сè сосема поинаку и различно. Ова е потврдено од ново истражување кое покажува дека мајките и татковците често го перципираат конфликтот во врските различно, во текот на раните години од родителството.
Оваа лонгитудинална студија покажала дека татковците обично пријавуваат намалување на фреквенцијата на расправии како што нивните деца растат од бебиња до предучилишна возраст, додека мајките пријавуваат зголемување. Резултатите од оваа студија даваат докази дека ескалацијата на конфликтот што го пријавуваат мајките е особено поврзана со пониски социјални и емоционални вештини кај нивните деца.
Родителскиот конфликт или расправиите, како и да ги наречете, се вообичаено искуство во семејниот живот. Повеќето парови се соочуваат со несогласувања во нивните секојдневни рутини, а родителите се посебна категорија. Се разбира, ова не е ниту корисно ниту пожелно, а има и негативно влијание врз децата. Но, факт е дека ова е реалноста на родителството и семејството.
Во студијата, истражувачите се обиделе да ја разберат оваа променлива динамика, следејќи ги семејствата во текот на неколку години. Тие се обиделе да утврдат дали конфликтот кај родителите обично се зголемува или се намалува во текот на раното детство на децата. Тие, исто така, сакале да видат дали промените во нивоата на конфликт предвидуваат колку добро детето ќе се развива социјално и емоционално, и се обиделе да видат дали мајките и татковците го доживуваат конфликтот различно.
Податоците биле собрани во три временски точки – кога детето имало приближно 9 месеци, кога детето имало 2 години и кога детето имало 4 години. Во секоја од овие временски точки и мајките и татковците независно пополнувале прашалници за нивната врска, а оценувале и колку често се расправаат за одредени теми. На крајот од студијата имало една јасна разлика – во тоа како мајките и татковците го доживуваат својот однос со текот на времето. Татковците изјавиле дека фреквенцијата на конфликти се намалувала од времето кога детето имало 9 месеци до времето кога детето имало 4 години. Мајките, од друга страна, имале поинаков поглед на истиот период. Нивните резултати сугерираат дека фреквенцијата на конфликти се зголемувала како што детето растело.
Ова покажува дека семејниот живот станувал посложен како што детето растело, а дека мајките го доживувале сето тоа малку подраматично. Покрај тоа, истражувачите утврдиле за што се расправаат родителите. Најчестите конфликти биле околу парите, домашните работи и слободното време. Мајките почесто пријавувале конфликти поврзани со прашања околу воспитувањето на децата.

-Едно нешто што ме изненади беше колку различно мајките и татковците ги опишувале промените во конфликтот со текот на времето. Како што нивното дете растело, татковците имале тенденција да пријавуваат помалку конфликти, додека мајките пријавувале повеќе. Една можна причина е тоа што во раните фази на родителството татковците може да бидат посвесни за несогласувањата околу работи како пари или домашни работи, додека мајките често се повеќе фокусирани на прашања поврзани со детето – изјавила авторката на студијата, Киуџие Гонг.
Како што се зголемуваат барањата на родителството, мајките може да станат посвесни за конфликтите во многу области од семејниот живот, додека татковците може да ги сметаат истите конфликти за помалку важни, или да ги игнорираат. Ова би можело да објасни зошто перцепциите на мајките и татковците биле сосема различни.
-Оваа студија покажува дека конфликтот меѓу родителите не е нешто што останува исто со текот на времето. Наместо тоа, може да се промени како што семејствата растат и се адаптираат – додала авторката.
Автор: Наташа Крстичевиќ