Одлучувањето на што да се даде приоритет во семејството не е секогаш лесно, но за Емили Остер постои една детска активност која никогаш нема да биде на прво место – роденденските забави. Економистката и мајка на две деца вели дека нејзиното семејство претпочита да избегнува социјални настани за да поминува време заедно.
-Можеби не е за секого, но функционира за нас – ова се зборовите што ги употребила таа за да го објасни својот став за избегнување забави.
-Идејата да се даде приоритет на времето што четворицата го поминуваме заедно како семејство е исклучително важна за нас. Можеби не е нешто што секој го практикува, но нам ни е важно. И кога тоа го ставаме на прво место, многу други работи едноставно отпаѓаат.
Ако забавата се совпадне со семејните планови, децата не одат.
Таа нагласува дека не е строго против забавите, туку дека различни фактори одредуваат дали да им се дозволи на децата да одат.
-Во принцип не сум против концептот на роденденска забава. Ако, да речеме, забавата е во недела попладне, кога вообичаено не правиме ништо посебно како семејство, со задоволство би го пуштила детето да оди ако сака – продолжила таа.
Но, ако забавата се совпадне со семејните планови – никако.
-Ако роденденската забава е во недела наутро, а тоа е време кога сакаме да одиме на прошетка или да правиме нешто заедно, тогаш едноставно одговорот е – „не“ – објаснила таа.
Викендот е резервиран за зближување и тоа е семеен договор што не се менува. Сепак, не сите се согласуваат со овој став. Коментарите на социјалните мрежи биле жестоки.
„Мајка ми беше таква. Луѓето на крајот престанаа да ме канат на забави“, „Јас сум наставник. Децата зборуваат за роденденските забави цела недела – и пред и по викендот. Не само што го исклучувате детето од забавата, туку го исклучувате од целото тоа социјално искуство. Може да биде многу изолирачко“, се само дел од коментарите.