Жените што раѓаат дете по 33-годишна возраст имаат поголема веројатност да живеат подолго од жените што го родиле своето последно дете пред 30-годишна возраст. Ова се податоците на студијата спроведена од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Бостон.
-Секако, ова не значи дека жените треба да чекаат да имаат деца на постара возраст за да ги подобрат своите шанси за подолг живот – објаснил авторот на студијата Томас Перлс, професор по медицина на Универзитетот во Бостон.
Возраста при последното раѓање може да биде индикатор за стапката на стареење, истакнува Перлс. Ако жената забремени природно и роди дете на постара возраст, тоа веројатно укажува дека репродуктивниот систем на жената старее побавно, а со тоа и остатокот од нејзиното тело. Студијата се базира на анализа на податоци од семејна студија за животниот век на 550 семејства со многу членови кои имаат долг живот. Истражувачите ја утврдиле возраста на која 462 жени го родиле своето последно дете и колку долго живееле овие жени.
Истражувањето покажало дека жените што го родиле своето последно дете по 33-годишна возраст имале двојно поголема веројатност да доживеат 95 години или повеќе во споредба со жените што го родиле своето последно дете до 29-годишна возраст. Истражувачите рекле дека врската постои бидејќи генските варијации што им овозможуваат на жените да забременат природно на подоцнежна возраст, исто така, може да укажуваат на подолг живот.

-Ако жената ги има овие генетски варијации, таа е во состојба да раѓа деца подолг временски период, зголемувајќи ги шансите да ги пренесе тие гени на следната генерација – вели Перлс.
Ова може да објасни зошто 85 проценти од жените живеат до 100 години или повеќе, додека само 15 проценти од мажите живеат до таа возраст.
Претходните истражувања покажале дека жените што родиле по 40-годишна возраст имале четири пати поголема веројатност да доживеат 100 години од жените што го родиле своето последно дете на помлада возраст.
Иако велат дека се потребни повеќе истражувања, резултатите од студијата на Перлс ја покажуваат важноста на идните истражувања за генетските влијанија врз репродуктивната способност, бидејќи тие можат да влијаат и врз стапката на стареење на една личност и подложноста на болести поврзани со возраста, велат истражувачите.